Непрописно паркирани возила низ Охрид

Интензивирање на полициските контроли за ставање поголем ред во паркирањето во Охрид. Непрописното паркирање и запирање е зачестена појава на сите улици во централното градско подрачје. Се паркира на коловоз, на тротоари, пешачки и велосипедски патеки. Тоа претставува сериозен безбедносен проблем на кој ќе се фокусира полицијата и ќе има помала толеранција кон несовесните возачи.

 |   | 

Жители од Стар Град кои гравитираат на ул. Цар Самоил се жалат на сообраќаен метеж поради непрописно паркирани возила. Многу често тесната уличка која ги спојува Цар Самоил и ул. Коста Абраш е непроодна поради несовесни возачи кои го блокираат сообраќајот. Бараат постојано присуство на полицијата за да се влијае на сообраќајната култура кај поединци. Од СВР Охрид велат дека мапиран им е проблемот со тесното грло на тој дел.

Полициските службеници зачестено се наоѓаат на тој дел бидејќи претставува фрекфентна улица со цел да не се создава на ул. Коста Абраш тесно грло и да имаме проблеми со запирање на сообраќајот на тој дел. Полициските службеници често реагираат со предупредување до возачите кои паркираат на овој дел, не само на таа улица туку секаде во градот, но често пишуваат и прекршочни пријави. Во првите два месеци од оваа година за непрописно паркирање и запирање патнички моторни возила на коловоз, тротоари, пешачки и велосипедски патеки поднесени се 107 прекршочни пријави. Минатата година, за цела година, биле поднесени 1106 пријави – истакна Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Непрописното паркирање и запирање е зачестена појава на сите улици во централното градско подрачје. Како посебно проблематични се ул. Питу Гули од Болницата кон ОУ „Христо Узунов“, ул. Даме Груев, Абас Емин, ул. Гоце Делчев, на бул. Туристичка кај ОУ „Григор Прличев“, АСНОМ и други локации.

Се паркира на коловоз, на тротоари, пешачки и велосипедски патеки. Тоа претставува сериозен безбедносен проблем во сообраќајот во Охрид, на кој се фокусирани полициските службеници, вели портпаролот на СВР Стефан Димоски, посочувајќи дека полицијата ќе ги засили контролите за ставање поголем ред во паркирањето во градот и ќе има помала толеранција кон несовесните возачи.

Ваквите контроли во наредниот период ќе бидат интензивирани, не само на ул. Коста Абраш, туку и на другите улици во централното градско подрачје, дотолку повеќе што на бул. Македонски Просветители имаме изведување на градежни работи и тоа претставува основ по којшто полицијата треба зачестено да биде присутна и се присутни полициските службеници во тој дел за да нема застој во сообраќајот и да нема непрописно паркирање – додава Димоски.

Димоски апелира до сите учесници во сообраќајот, пред се до возачите на патнички моторни возила да ги почитуваат прописите со цел пред се за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајниот метеж, потенцирајќи дека полициските службеници ќе пишуваат казни. Глобите за непрописно пасркирање се движат од 45 до 180 евра во денарска противвредност зависно од локацијата каде е направен прекршокот.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top