Неподнослива миризба на нафта се шири низ делови во градов

Неподнослива миризба на нафта се шири низ делови во градов. Граѓаните се жалат дека не можат да дишат и бараат да се најде од каде доаѓа.  Екипи во ЈП „Нискоградба“ како и Општинскиот инспекторат излегле на терен и утврдиле дека мирис се шири од подрумот на Здружението на пензионери. Од таму признаваат дека имале проблем со котелот за нафта ама дека го санирале.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Жителите од улицата „Партизанска“, „Димитар Влахов“, дел од „Туристичка“ кај трговскиот центар од „Гранит“ се жалат дека веќе речиси една недела од канализацијата се чувствува неподнослива миризба на нафта. Велат дека миризбата е толку интензивна што не се седи во домовите или во дуќаните кои се наоѓаат во овој дел од градот. Некои се жалат и на јаки главоболки поради јаката миризба. За ваквата појава биле известени надлежните во ЈП „Нискоградба“ како и Општинскиот инспекторат. Екипи од јавното претпријатие и комунален инспектор излегле на терен и после долго истражување се констатирало дека јаката миризба се шири од подрумските простории на Здружението на пензионери. Биле отворени и проверени околните шахти, но не биле забележани остатоци од овој дериват.  Од здружението објаснуваат дека уште пред еден месец имале проблем со цефка од котелот за нафта која напукнала поради нафтата која замрзнала поради ниските температури. Кога времето затоплило нафтата се одмрзнала ама почнала да капе од цефката. Претседателот на охридското здружение на пензионери Ѓорѓи Трпчески вели дека веднаш презеле мерки да ја санираат оштетената цефка.

Проблем беше да се завари цевката бидејќи се работи за нафта и ако употребевме оган ќе направевме поголем проблем. Успеавме цефката да ја санираме со некој специјален лепак за железо, но од тоа што се излеа нафтата остана миризбата, вели Трпчески.

Трпчески тврди дека нафтата била собирана и враќана во котелот и дека не била истурана во канализација, но додава дека миризба се шири поради нафтата која се излеала во подрумските простории.

Ние секојдневно ја мериме количината на нафта со која располагаме. Можам да кажам дека повеќе нема излевање на нафта, но миризбата остана. Ние го исчистивме просторот, таму каде што имаше останато нафта ја исмукавме, ставивме денес и пилевина па се надеваме дека ќе се намали и миризбата, вели Трпчески.

Од Општинскиот инспекторат кажуваат дека најверојатно ова не е единствениот случај да се оштетат котлите за нафта поради ниските температури. Дојава до нив за ширење миризба на нафта стигнале и од други делови на градов. Се пожалиле граѓаните од Воска, од Охридати, а мирисало и на патеката према некогашниот хотел Парк. Нивните инспектори се на терен и испитуваат за што станува збор. Доколку се утврди дека некој намерно ја загадува животната средина ќе следуваат соодветни санкции.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top