Неодржуваните зелени површини, сериозен сообраќаен проблем

Без разлика дали станува збор за запуштени приватни имоти во близина на прометни градски сообраќајници или за несредените зелени површини на магистралниот пат Охрид-Свети Наум, безбедноста на учесниците во сообраќајот е доведена во прашање.

 |   | 

Години наназад за време на летниот период, несредените зелени површини во близина на неколку прометни градски сообраќајници, претставуваат сериозен сообраќаен проблем. Намалената прегледност поради зеленилото, на неколку крстосници, пресеци на улици или кривини, ја доведуваат во прашање безбедноста на сите учесници во сообраќајот, посебно во период во кои имаме значително зголемувања на бројот на возила во градов. Пресекот на улиците „АСНОМ“ и„Карпош Војвода, Самиот влез од Населбата „Гоце Делчев“, две локации на улицата „Даме Груев“ се само некои од улиците каде овој проблем е поизразен.

Состојбата е сериозна и на магистралниот пат Охрид-Св. Наум, поради несредениот зелен појас кој се простира помеѓу двете сообраќајни ленти. Засилувањето на интензитетот на сообраќајот посебно за време на сезоната на овој магистрален пат ја потенцира потребата од решавање на овој проблем. Крсте Ташкоски-раководителот на Македонија пат- секција Охрид не информира дека неодмна завршиле со средување на зелениот појас на овој магистрален пат.

„Наназад едно две недели прво на делницата Охрид-Пештани од Биљанини извори, извршивме косење и кастрење на зелениот појас на критичните места, и на одредени делови од државните патни правци А2 и А3, и стариот пат Охрид-Струга, на критичните места ги искосивме и тоа е моментално“, објаснува Ташкоски.

Но поради влагата и високите температури кои се причина поинтензивно да расне зеленилото, од јавното претпријатие ќе ја повторат оваа постапка за време на сезоната, особено на потегот, од Охрид до Пештани, а потоа продолжуваат со средување на критичните точки на државниот патен правец А3 од Охрид до Буково, вели Ташкоски.

За проблемот со бујната вегетација која ја намалува прегледноста на некои крстосници и сообраќајници во градот одговор побаравме од локалната самоуправа. Комуналниот инспектор е на годишен одмор и не успеавме да дознаеме како планира градот да го решава овој проблем.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top