Со донесувањето на новиот правилник за квалитетот на меленото месо, од почетокот на месецов, месарите се обврзани на лице место да им го сомелат месото на клиентите.
Нема веќе рефус мелено месо по месарниците. Со донесувањето на новиот правилник за квалитетот на меленото месо, од почетокот на месецов, во месарите веќе не може да се купи мелено месо кое било претходно сомелено, освен ако тоа не е вакумирано, со соодветна декларација и подготвено од овластен преработувач. Правилникот вели дека ако некој сака да купи мелено месо, најпрво во месарата ќе си избере парче удина, кое потоа пред нив ќе биде сомелено од страна на продавачот. Еве што Охриѓани мислат за оваа новина.
„Сега се веќе 100 проценти приватни продавници, тој не смее да лаже ако сака да има муштерии. Можеби ќе биде поскапо за муштериите, но сметам дека е покоректно и ќе јадат поквалитетно.“
„Убаво е убаво, добро. Поубаво е вака отколку порано, ќе го сомелеа, од пред една недела требаше да се јаде, а сега вака е најубаво.“
„Добро е тоа, тоа е добро. Не како досега, не како досега да се продава се и сешто, вака го гледаш дека е месо и го мели. Тоа е убава работа.“
„Добра страна, тоа што го купуваш да знаеш што купуваш. Ќе побараш месо, ќе ти го сомели и ќе си купиш мелено месо, а не готово мелено. Тоа е исправно и така се продава секаде, во цел свет.“-рекоа дел од граѓаните.
Од месарниците во градов пак велат дека луѓето сеуште не се навикнати на ваков начин да го купуваат меленото месо. Додаваат дека промени во цената има само кај свежото месо, но и дека имаат и поефтина алтернатива во вакумираното мелено месо кое е спакувано и со соодветна декларација и датум на производство.
„Сега колку има 6-7 дена добро е, го земаат, ама претежно бараат мелено месо како што си беше, на тоа беа навикнати да го земаат, ама се троши и ова затоа што е поефтино. Тоа беше 260, ова сега е 230 и го земаат зошто е поефтино. Јунешкото се движи од 420, а свинското од 300 до 315. Се е од кртина месо, од кое сакаат таа цена си е, а инаку меленото месо кое што е вакумирано, што го земаме од фирмата што ни го пуштат, тоа е 230.“-вели Гоце Каранџулоски од месарницата „МИК“-Св.Николе.
Инаку според правилникот за квалитет, меленото месо мора во себе да има само месо од прва или втора категорија, не смее да се додава сврзувачко ткиво, внатрешни органи, саламурено или преработено месо и сол. Строго се забранува и додавање вода. Во меленото месо не смее да има механички обработено месо, остатоци од месо, кожа, делови од коски и ’рскавици, месо од главата, месо од дијафрагмата на животното и од нозете. Со овие последни измени, се очекува во голема мера да се зголеми квалитетот на храната која ја консумираат граѓаните.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град