Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денес оствари средба со неговиот колега од Латвија која наредната година го презема и претседателството со Европската унија.
Извештајот за напредокот на Македонија на патот кон Европската унија, нашето членство во НАТО алијансата, но и проширување на соработката и билатералните односи на Македонија и Латвија. Ова беа главните точки на дискусијата на денешната работна средба помеѓу министерот за надворешни работи Никола Попоски и неговиот колега од Латвија, Едгарс Ринкевичс. Министерот Попоски вели дека државата е во очекување на извештајот за напредокот на земјата во спроведување на реформите за членство во Европската унија, со која од наредната година ќе претседателствува токму Латвија. Според Попоски, процесот на зачленување на Македонија и во ЕУ и во НАТО и натаму се блокирани од Грција.
„Во овој дел, наша цел ќе биде во овие 12 месеци да направиме што е можно повеќе за нашата европска агенда во делот кој зависи исклучително од нас, а тоа се реформите и затоа ќе работиме и со италијанското и со латвиското претседателство за да направиме што е можно повеќе реформи во оние клучни политички сегменти за да ни биде полесно преговарањето понатаму кога ќе го отпочнеме. Во делот на НАТО, за Кардиф немаме никакви очекувања поради причините кои ви ги опишав претходно, односно постои вето од Грција, тоа е дефинирано како лелегално од Меѓународниот суд на правдата. Грција нема никаква реакција на тоа и е единствена земја која се нема произнесено по однос на нелегалната блокада.“-вели министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски.
Министерот за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевичс пак уверува дека и со сегашното италијанско претседателство, но и во текот на латвиското претседателство, тие ќе работат посветено на унапредување на процесот на проширување на Европската Унија, но и на НАТО алијансата.
„Иако нема да има одлука за проширување на НАТО, на престојниот НАТО самит во Кардиф, мислам дека ќе имаме добри средби со министерствата за надворешни работи на сите земји аспиранти за членство во НАТО околу тоа како може да ја унапредиме нашата соработка и подобро да се подготвиме за евентуалното членство во НАТО. Што се однесува до Македонија, можам да кажам дека има одлука во НАТО штом се реши проблемот со името, Македонија ќе може да стане членка на НАТО, и тоа е проблем кој сеуште чека решавање.“-рече Едгарс Ринкевичс, министер за надворешни работи на Латвија.
Освен овие прашања, на денешната средба помеѓу двајцата министри било дискутирано и околу зацврстување и унапредување на билатералните односи помеѓу двете земји. Поконкретно, Попоски и Ринкевичс разговарале за соработки во областа на културата, но и соработка помеѓу двете министерства со потпишување на меморандум за разбирање и соработка и почести консултации по важни прашања. На нивната средба било дискутирано и околу унапредување на соработката во областа на образованието, пред се во делот на размена на студенти.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град