Нема крај на социјалните проблеми за некои семејства во Охрид

Четири охридски семејства живеат во субстандардни услови во објект во централното градско подрачје. Од година во година куќата попушта, покривот капе, а дел од таваните се распукани. Надлежните засега со ветување дека на тоа место ќе никне Поликлиника и три станбени згради. Откако ќе се изградат зградите на семејствата кои моментално живеат тука ќе им бидат доделени станови.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Четири охридски фамилии стравуваат како ќе ја поминат зимата која доаѓа. Како што кажаа станарите  при врнежи на дожд или снег куќата во која моментално живеат попушта. Таваните веќе се распукани, во одаите на дел од ѕидовите има и мувла а на средина од собите распослани се кебиња бидејќи од сите страни им капе. Станува збор за објект кој се наоѓа помеѓу охридската Маларична болница и ОУ „Григор Прличев“.

„Овде живееме уште од поплавата кога беше во Воска. Ни кажаа за итен смештај и овде не остадоа. Се плашам, кога врне повеќе овде пробива бидејќи чатијата е отворена, распукана. Немаме никакви услови, врне грми ние одиме надвор позади куќата да периме и тањири да миеме бидејќи внатре немаме вода
„Од влагата многу ни е тешко, имаме мало дете стравувам да не се разболи и ние возрасните еднаш во месецот се разболуваме. Ве молам ако може градоначалникот сам да дојде да види каде живееме. Ако падне голем снег ние оваа зима или ќе сме под куќата или надвор од куќата“ – велат станарите.

Како што нагласија членовите на семејствата, тие живеат во неизвесност дали конечно ќе дојде до реализација на некаква институционална помош околу санирање на нивната куќа или дали ќе им бидат обезбедени сигурни услови за живот.
Според она што како одговор го добивме од Локалната самоуправа од Охрид нив им се врзани рацете да преземат било какви зафати за санација.

„Земјиштето и објектот во близина на Маларична се со незапишани права. Се додека  не се утврди правото на сопственост на објектот и земјиштето, согласно законската регулатива, Локалната Самоуправа нема право да презема било какви активности во однос на санација на објектот“ – информираат од Локалната.

Првиот човек на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов, вели дека овие семејства ќе бидат обезбедени со кров на глава.

„Така и овие станари имаа, добри услови, се во тврда градба но ништо не превзеле околу одржување на овој имот. Ќе кажам дека и за нив се води сметка но постепено ќе го решаваме овој проблем. Така да овие граѓани нормално ќе бидат иселени од овие станови ќе им бидат доделени други станови кои што понатака по изградбата ќе бидат вселени“ – вели Грозданов.

На овој потег планирано е да се гради главна Поликлиника за Охрид, а ќе бидат изградени уште три згради на потегот од Маларична спрема влезот на ОУ „Григор Прличев“. Ова го потврдуваат и од Локалната самоуправа. Но, останува оправданоста на стравувањата на овие засегнати семејства за нивната безбедност оваа зима, доколку има снежни наноси кровот целосно да попушти.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top