Родители на основци реагираат дека продолжениот престој во дел од основните училишта во градов не започнува со почетокот на школската година. Тоа им создава проблеми бидејќи во текот на неколку недели треба да изнаоѓаат разни начини како да ги згрижат децата додека и двајцата родители се на работа.
Нема доцнење со почетокот на дневниот престој во охридските основни училишта-тврдат директорите на повеќето основни образовни установи. Родителите пак на дечињата реагираат дека почетокот на дневниот престој не се поклопува со почетокот на учебната година поради што како што велат тие се приморани да се снаоаѓаат како знаат и умеат за згрижување на нивните деца.
Директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоноски појасни дека причината за непоклопувањето се состои во процедурите за пријавување на заинтересираните родители за продолжен престој и назначувањето на наставен кадар кој ќе ги опслужува децата.
„Оваа година токму денес се информираат учениците дека почнуваме со настава во целодневниот престој каде што ќе бидат вработени две наставнички, прва смена и втора смена кои што целосно ќе ги опслужуваат децата во дневниот престој. Инаку постои процедура за почнување на еден дневен престој каде што училиштата даваат број на ученици, колкав би бил и колку лица да се ангажираат од општина за одржување на настава во целодневниот престој, така да можам да кажам дека во овие две години, во најкраток можен период почнува дневниот престој да работи.“-вели директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоноски.
Симоноски вели дека воедно денес завршиле и зафатите за реновирање на просторот за дневен престој на учениците, биле исфарбани просториите, поставени нови завеси, табли, уреден просторот за одмор на децата. Тој додава дека годинава во продолжен престој ќе има околу 40ина деца во „Христо Узунов“. А дневниот престој од денес започна да функционира во ОУ „Св.Климент Охридски“.
„Ги имаме обезбедено сите услови за нормална реализација. Условите во нашето училиште се прекрасни. Ангажирани се оваа година две наставнички кои што ќе работат со децата. Претходно беше вршено анкетирање на родителите кои деца би сакале да го посетуваат дневниот престој, тој функционира по завршување на часовите на најмалите, од прво одделение децата и продолжуваат во дневен престој. Имаме организирано исхрана за тие родители што сакаат да си се храна и тој работи до 17, 17:30 часот во зависност од обврските на родителите.“-рече Јордан Пуроски-Директор на ОУ „Св. Климент Охридски“.
Во ОУ „Климент Охридски“ дневниот престој годинава ќе го посетуваат околу 72 дечиња. Во ОУ „Братство Единство“ пак, ангажирани повеќе наставнички за дневниот престој.
„Годинава по трет пат има продолжен престој односно полудневен престој во двете училишни згради. Во централнава зграда се ангажирани две колешки, една во паралелките на македонски наставен јазик, друга на турски наставен јазик. Додека во зградата во Лескајца имаме една колешка на албански наставен јазик, една на македонски јазик. Продолжениот престој почнува од 8 часот до 16:30 часот во зависност од смените.“-изјави Муамер Доко-Директор на ОУ „Братство Единство“
Доко додава дека во двете училишни згради дневен престој во оваа учебна година ќе посетуваат 75 деца и тоа 19 на албански наставен јазик, 17 на турски и 40 на македонски јазик. А 40ина деца во Пештани и 30ина во подрачното основно училиште во Коњско годинава ќе одат во продолжен престој во ОУ „Св.Наум Охридски“.
„Таму учат 36 деца. Имавме проблеми нешто, но ги надминавме. Сега ова е нешто плус за решавање и надминување на проблемот. Однесовме нови клупи, набавивме нови печки. Оспособивме уште една просторија и сега со донесувањето на уште еден наставник за продолжен престој, многу ќе се подобри реализацијата на наставата и се надевам дека родителите ќе бидат задоволни.“-рече директорот на училиштето „Св. Наум Охридски“-Пештани, Илија Стојаноски.
Инаку само во основното училиште Григор Прличев почетокот на дневниот престој на децата се поклопува со почетокот на школската година, а тоа се должи на фактот дека продолжениот престој го организира детската градинка „Јасна Ристеска“ во своите простории и со сопствен кадар.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град