Осум хали и индустриски капацитети кои се вон функција ќе се нудат на потенцијалните домашни и странски инвеститори за реализација на браунфилд инвестиции.
Дел од индустриските капацитети и хали во градов кои не се во функција, потенцијална можност за домашни или странски инвеститори. Локалната самоуправа преку Секторот за туризам и локален економски развој објави два јавни повици на кои се бараше од сите стопански субјекти, правни или физички лица кои поседуваат вакви капацитети, а истите не се во функција, да ги презентираат пред локалната и со тоа да станат дел од сите потенцијални браунфилд инвестиции кои би се реализирале во градов, било тоа да се странски или домашни инвеститори.
“Досега се пријавени вкупно осум такви објекти од 600 до 3000 метри квадратни, со вкупен капацитет од над 13.000 метри квадратни, а како што кажав веќе истите се нудат на сите странски и домашни инвеститори. За одреден дел од нив веќе е искажан и конкретен интерес, а понатаму значи ние само ги поврзуваме потенцијалните инвеститори, односно заинтересираната страна и сопствениците и понатаму договорот останува на нив.”-вели Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам и локален економски развој.
Овие пријавени објекти веќе станаа дел и од ажурираната верзија на брошурата Invest in Ohrid во делот на браунфилд инвестиции или инвестиции во веќе постоечки објекти, а тие според официјалните податоци се протегаат на вкупна површина од 13.879 метри квадратни или со поединечна големина почнувајќи од 600, па се до 3000 метри квадратни.
“Претежно тоа се стопански капацитети кои што претставуваат дел од приватизираните компании коишто своевремено биле во државна сопственост, значи дел од поранешните фабрики. Најголемиот дел од нив се наоѓаат на периферијата на Охрид, односно во склоп на сите оние стопански субјекти кои што на времето функционираа во градов, а сега за жал после транзицијата се затворени, приватизирани, дел од нив можеби во изминатиот период и имале некоја функција односно биле во склоп на некои приватни фирми, меѓутоа во овој период најголемиот дел од нив не се во функција, односно не работат, така да се надеваме дека како браунфилд инвестиции се интересни за потенцијалните инвеститори. Посебно соработуваме со Агенцијата за странски инвестиции која што како податоци исто така веќе ги има преземено од нас и ги нуди во своето работење.”-рече Апостолов.
Инаку досега пријавените осум капацитети воедно беа објавени во Веб Гис платформата изработена по налог на Центарот за регионален развој на Југозападниот плански регион, а софтверската апликација базирана на ГИС платформата е креирана на основа на барања на општините од Југозападниот плански регион, и опфаќа околу стотина потенцијални локации за инвестирање во регионот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град