Недостатокот од истата, според експертите, единствено резултира со давање погрешни примери кои децата треба да ги следат. Во овој сегмент, според нив, исклучително важно е целокупното окружување на децата, нивните родители како и воспитувачите во градинките, да делуваат заеднички и во ист правец.
Оттуѓување на семејствата, недостаток на комуникација, непочитување на авторитетот на родителот или воспитувачот во градинките.
Ова се само дел од условно кажано „симптомите“ на современиот начин на живот и комуникација. Во центарот на вниманието или за жал се почесто и недостигот на внимание се оние најмалите и најважните, децата. Според Слободанка Радосављевиќ, која е дел од Балканскиот сојуз на воспитувачи, комуникацијата помеѓу родителите и детето, особено во претшколската возраст е навистина важен сегмент бидејќи секој недостиг на комуникација, според неа води до давање погрешни примери на децата. Дополнително, Радосављевиќ смета дека потребно е и целосно почитување на авторитетите и на родителите, и на самите деца, но и на воспитувачите кои скоро подеднакво се вклучени во правилното воспитување на децата.
„Доколку само еден од тие три елементи делува поинаку детето ќе ги трпи последиците. Без обзир кој во даден момент е во право, дали родителот, детето или воспитувачот, тоа не е важно. Сите мора да делуваме исто. Да градиме авторитет и доверба едни кон други, како детето би растело во таква средина. Ние сме модели за тоа дете, мора да внимаваме што зборуваме, што правиме и како се однесуваме ако сакаме децата да ни бидат добри. А не да се однесуваме како што јас знам да кажам, мајките, младите мајки да седат и со сатови да пишуваат пораки на Фејсбук, а во исто време за истата работа да ги караат децата.“-вели Слободанка Радосављевиќ-Балкански сојуз на воспитувачи.
Токму проблемот со недостиг на комуникација во современиот начин на живот е темата на меѓународната конференција за предучилишно воспитување која се одржува во нашиот град. Според Илија Митров, директор на детската градинка „Астибо“ од Штип, и дел од Балканскиот сојуз на воспитувачи, оваа конференција е особено важна за професионалната надградба на воспитувачите од Република Македонија.
„Над 300 труда се пријавени за да се формира зборник кој ќе биде преведен и на македонски јазик и достапен за сите воспитувачи и негователи на деца, да ги искористат овие искуства на оваа тема и за оваа проблематика и да може во иднина да ги искористат во наставата за да му пријдат на овој проблем уште посериозно и уште попрофесионално со многу точни информации за тоа како да ја подобриме комуникацијата со родителите во оваа доба на современа комуникација.“-рече Митров.
Размената на искуства пак која се случува на конференцијата, според претставниците од Министерството за труд и социјална политика ќе биде драгоцена.
„Министерството за труд и социјална политика е најповикано или е во негова надлежност згрижувањето и воспитувањето на деца до шестгодишна возраст и затоа и сум присутна овде на оваа конференција се со цел да дадеме поддршка на вакви конференции затоа што размената на искуства и сето она што ќе се научи на оваа конференција се надеваме дека ќе се пренесе и во нашите установи кои функционираат во Република Македонија.“-изјави Дарка Петрушевска советник во Министерство за труд и социјала.
Инаку ваква конференција наменета за воспитувачите од претшколска возраст за прв пат се организира во Македонија, а е четврта по ред во организација на Балканскиот сојуз на воспитувачи.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град