Не се избра „Сувенир на градот Охрид“

Никој не ги задоволи критериумите на конкурсот кој беше распишан за избор на „Сувенир на градот Охрид“. Пристигнатите пет идејни решенија не ги содржат потребните карактеристики за сувенир на градот. Конкурс ќе се распишува наново.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Не се избра „Сувенир на градот Охрид“. Иако на конкурсот кој уште пред два месеци го распиша Локланата се пријавија пет кандидати, ниту еден од нив не ги исполни барањата кои беа наведени во него. Три проекти биле од еден ист автор, а останатите два биле со слични мотиви кои веќе биле работени и претходно.

Обработени се веќе познати мотиви најчесто изработени од бакар. Камен, керамика и дрво речиси и да не е користено, па според тоа не се исполнети условите кои локалната ги постави околу изгледот на „Сувенир на градот Охрид“, вели Томе Џамтоски- портпарол на Локалната самоуправа.

Сувенирот кој би бил избран мора да ги содржи елементите на препознатливост и да ја отсликува традицијата, автентичната природа и културата на градот. За изработка на сувенирот потребно е да се користат стабилни и еколошки прифатливи материјали како што се камен, керамика, метал, дрво итн.

Идејните решенија се пет различни предмети. Едното е уметничка ламба, другото е бакарна матарка, третото охридска пастрмка со охридски бисер, па златна маска со охридски бисер и бакрорез на Св. Климент. Сите понудени проекти немаат некоја иновативност во себе и многу наликуваат на оние кои веќе ги има на пазарот, вели Џамтоски.
 
Изборот на сувенир на градот е согласно Програмата за поттикнување на развојот на туризмот на општината, а целта е да се направи вистинскиот избор за сувенир на градот кој ќе е препознатлив во промоцијата на Охрид. Ова нема да биде официјален симбол на Охрид, туку ќе биде сувенир кој Локалната самоуправа ќе го користи во сопствените промотивни дејности. Локалната повторно ќе објави конкурс на кој ќе се бара сувенирот на градот. Наградата за најдобро решение  е една и изнесува 30.000 денари. Овој сувенир ќе може да го користат сите граѓани, а не само Локалната самоуправа на Охрид.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top