Поезијата е бисер кој се вади од внатрешноста на школката. Овој стих е на познатата македонска авторка Винка Саздова која беше дел од настанот „Напиши стих – купи кафе“, кој денес се одржа во Аквариус, по повод Светскиот ден на поезијата, 21 март.
„Напиши стих – купи кафе“ . Под ова мото денес во Тераса Аквариус љубителите на пишаниот збор го одбележаа Светскиот ден на позеијата. Организаторот Дамјана Видическа вели дека оваа иницијатива е резултат на следење на светските примери каде што ваквите настани се одржуваат години наназад.
„Одлучивме да ги натераме граѓаните на Охрид да бидат креативни и да им се приклучиме на ваквите настани и да го одбележиме Светскиот ден на поезијата. Многу сум среќна што дојдоа студентите и повозрасни граѓани и очекуваме и повеќе“
Еден од иницијаторите на денешната активност е и Алберта Гулицоска. Таа изрази задоволство што охриѓани го прифатиле овој настан и голем дел од нив се вклучиле во истиот.
„Охрид треба да биде едно културно жариште културно бидејќи ги поседува сите атрибути. Магнет е не само за туристи туку и за уметници од различни профили писатели, музичари, сликари, уметници од различен дијапазон“.
Меѓу присутните во Аквариус беше и познатата македонска авторка Винка Саздова. Таа вели дека книгата сеуште претставува една универзална вредност и начин на комуникација со внатрешното на човекот кое никогаш нема да изумре.
„Честитки за Аквариус, Дамјана, организаторите…навистина е многу убаво, атмосферата е пријатна, младите се нурнуваат во себе почнуваат да вадат нешто. Многу е убаво сите ние да се потсетиме дека надвор од секојдневието кое често пати знае да биде банално и сурово како што видовме деновиве што се случи во Охрид, постои убавина а таа убавина може да се изрази само преку поезијата. Поезијата е кристалот што се вади од школката од себе си“
Стиховите, строфите и песните кои денес осамнаа на прозорите од Аквариус ќе бидат оценувани од страна на жири комисија. Резултатите ќе бидат објавени на фејсбук страницата на Аквариус како и на порталот Публицитет. Наградите се обезбедени од неколку спонзори, а ќе има и книги од познатите автори, Винка Саздова, Милчо Јованоски и од академик д-р Миле Мичуновиќ.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град