Членовите на клубот за подводни активности „Охрид“ и нуркачкиот центар „Амфора“ во Заливот на коските кај Градиште, во Охридското Езеро, традиционално, една недела пред Новата Година ја накитија подводната елка. Спектаклот кој е традиционален и покрај студената вода, не само што не изостана, туку во него се вклучија и најмладите нуркачи кои за прв пат присуствуваа на овој несекојдневен настан.
„Искуството е прекрасно и многу ми се допадна и сигурно ќе бидам тука и другите години кога ќе се кити елката. Заедно ја споделуваме радоста за со леснотии да ни помине годината без грижи и со среќа“, вели Милан Лазарески ,млад член на „Амфора”.
Спонзор на оваа своевидна атракција годинава е весникот „Нова Македонија“, кој обезбеди пакетчиња за најмладите, кои им ги врачи лично Дедо Мраз, кој покажа дека знае и да нурка. И не само деца, годинава во китењето на елката се вклучија и припадничките на понежниот пол.
„Нуркањето не е ексклузивен спорт само за машките, туку и жените учествуваат во овој спорт“, вели Горан Балев од Нуркачки центар „Амфора”.
Професионалните нуркачи од Амфора велат дека со елката во езерото сакаат на граѓаните да им посакаат среќа и бериќет во Новата 2012 година.
„Да си ја честитаме Новата година и да им посакаме здравје, среќа и успех на сите нуркачи и сите граѓани на Р Македонија“, вели Милутин Секулоски – Нуркачки центар „Амфора”.
Новогодишниот амбиент во езерото беше надополнет со музика и забава за која се погрижи подводниот лимен оркестар, а не изостана ни традиционалната здравица со шампањско.
Новогодишното дрво накитеното со шарени лампиони и украси, нуркачите го поставија на 5 метри длабочина. Оваа елка е единствена на Балканот која се кити под вода, а со самото тоа претставува вистинска туристичка атракција.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град