Од први јуни ќе се започне со конзервација на фрескоживописот на црквата Света Богородица Перивлепта
Црквата Света Богородица Перивлепта ќе си го врати својот некогашен сјај. Од први јуни ќе се започне со конзервација на архитектурата и на нејзиниот фрескоживопис, а ќе се интервенира и на камбанаријата и на конакот. Инаку оваа црква е вредна и единствена по многу нешта. Тања Паскали Бунташеска, директорката на Завод и музеј вели дека живописот во Перивлепта можеби е еден од највредните во Македонија и пошироко и што поскоро треба да се конзервира бидејќи има големи оштетувања поради влагата која се јавила во црквата. Фрескоживописот не е третиран од 80-тите години на минатиот век кога за последен пат се вршела и конзервација на архитектурата. Паскали вели не дека Перивлепта била запоставена и заборавена туку средствата што се издвојувале за нејзина конзервација не биле доволни за еден ваков сложен и скап зафат. По добивањето на грантот од американската амбасада пред неколку години се оформил тим кој вршел истражувачки работи на архитектурата и фрескоживописот во Перивлепта. Него го предводеле двајца странски експерти назначени од УНЕСКО. Истражувањата кои се правеа во изминативе години се при крај, изработена е техничка документација. Констатирано е дека главните оштетувања посебно на фрескоживописот се поради појавата на влага заради прокиснувањето на кровот и појавата на соли. Во моментов се заштитени сите кровни површини и се чека тие да се исушат. Историчарите на уметност велат дека до оштетување на фрескоживописот помеѓу другото можело да дојде и поради чадот од свеќите кои некогаш се палеле внатре во црквата. Паскали укажува на тоа дека со реализацијата на проектот ќе има измени во внатрешноста на црквата. Конкретно потенцира дека продавницата за сувенири која сега се наоѓа таму ќе биде дислоцирана, а шанданите за палење свеќи ќе се стават надвор.
Со проектот предвидено е и уредување на дворното место, а Паскали апелира до сите граѓани дворот на црквата да не се користи како сообраќајница што е случај сега. Таа додава дека доколку се приморани истиот ќе го оградат како внатре не би влегувале возила. Мештаните пак кои живеат блиску до црквата објаснуваат дека години наназад оваа црква како да не е дел од маршутата на туристичките водичи кои ги предводат гостите во стариот дел на Охрид. Тие посакуваат овој проект што побрзо да се реализира и во Перивлепта да се вратат посетителите било домашни или странски кои порано ги имало во голем број.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град