Според организаторите од секторот за ТЛЕР, Фестивалот на вино и сирење е една убава можност за промоција на градот и специфичните туристички производи со кои Охрид може да се пофали пред туристите.
Плоштадот „Крушевска Република“ денес и утре ќе биде гурманска мамка за сите охриѓани и туристи. Втора година со ред токму на овој простор фестивалот на вино и сирење ќе понуди вистинско уживање за сите посетители кои ќе можат да дегустираат некои од највкусните сирења од југозападна Македонија, како и најубавите вина од земјава. На 20 штандови, 27 излагачи ќе понудат не само вино и сирење, туку и бројни охридски традиционални специјалитети со цел промоција на градот и неговата туристичка понуда.
„Приоритет ќе биде даден на промоцијата на сирењето како специјалитет кој што во охридскиот регион но и на целиот западен регион претставува еден специјалитет кој е далеку познат и е еден од задолжителните делови на секоја трпеза во угостителските објекти, а исто така виното како еден од продуктите ои се повеќе земаат замав во однос на туристичката понуда, ќе биде претставено преку неколку винарии на плоштадот „Крушевска Република“.“-вели Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам и локален економски развој.
Годинава, фестивалот на вино и сирење ќе биде поврзан и со втората по ред изложба на олдтајмери. И оваа година, 30ина стари и ретки возила ќе бидат изложени пред љубопитните очи на охриѓани и туристите.
„Ќе бидат позиционирани во центарот на Охрид, додека дел од возилата ќе бидат поставени на плоштадот „Крушевска Република“ како едно надополнување на фестивалот на вино и сирење односно надополнување на самата сцена и кореографијата додека утре ќе биде официјалниот дел на ревијата, ревијалното возење од Охрид до Пештани, по што ќе биде и официјалниот дел изложба на возилата и фотосесија на градскиот кеј каде што ќе бидат поставени сите возила и сите посетители, туристи и нормално охриѓани ќе можат да ги видат и да ги разгледаат овие раритетни возила.“-рече Апостолов.
За годинешната изложба од секторот за ТЛЕР велат дека добиле најави дека ќе бидат изложени уште постари и поатрактивни возила од минатата година. Што се однесува пак на фестивалот за вино и сирење, истиот започнува денес, а ќе се одржува и во текот на утрешниот ден. Во рамките на истиот ќе има и настап на културно уметнички друштва како и забава со неколку рок бендови од Охрид и повеќе други градови од земјава. Инаку, покрај излагачите од охрид и западниот регион на Македонија, излагачи ќе има и од Корча-Албанија. Проектот се реализира во рамки на програмата АБДА преку која и се обезбедени и дел од финансиските средства за фестивалот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град