Над 90 % искористеност на оперативниот план за самовработување во земјава

Во Охрид најмногу се искористени средства за самовработување во услужните дејности. Охрид и Струга имаат најмала стапка на невработеност по градови во земјава, кажа директорот на Републичката Агенција за вработување кој дојде во работна посета на двете општини.

 |   | 

Анализите за реализација на оперативниот план за самовработување во земјава покажуваат висока искористеност. Македонските граѓани од една и пол милјарда денари за оваа намена искористиле 94,6 проценти, информира Беким Мурати, директорот на Агенција за вработување. Најголема заинтересираност кај невработените лица имало за мерката самовработување. 1800 лица успеале да отворат нови фирми, да опстојат и да се развиваат. Директорот Мурати, напомена дека и во Охрид има добра искористеност на опертаивниот план за самовработување. Охриѓани истотака, покажале голем интерес за мерката самовработување, но и за останатите мерки како што е субвенционирање на плати.

Во реализација на оперативен план за минатата година беа вклучени 227 лица. Од нив 78 невработени отвориле приватен бзинис, 55 невработени се вработиле по основ на субвенционирање на плати, 16 кај правни субјекти, 5 за обука за побарувани занимања, 5 за ИТ вештини и 67 со мерката практиканство – истакна Мурати.

Општините Охрид и Струга имаат најмала стапка на невработеност по градови во земјава, покажува евиденцијата на Агенцијата за вработување. На евиденција во охридскиот Центар за вработување се регистрирани 3403 лица активни и 1827 пасивни баратели на работа. Од оперативниот план за вработување охриѓани искористиле најмногу средства за самовработување во услужните дејности, напоменува Елведина Дика, директорка на охридскиот Центар за вработување.

Врз основа на апликациите реализирани во 2021, 40 од новоотворените фирми се бутици, козметички и фризерски салони, ресторани, пицерии. Тоа се дејности со побарувани занимања за туристички градови како што се Охрид  и Струга – вели Дика.

Агенцијата за вработување продолжува со обезбедување средства за самовработување и за оваа година. Обезбедени се 1,7 милјарди денари со кои ќе бидат опфатени сите мерки за самовработување. Конкурсите се очекува да бидат објавени на почетокот од месец април.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top