На охридските плажи нема знаци кои ќе ги предупредат капачите

На охридските плажи нема знаци кои ќе ги предупредат капачите за опасностите кои се кријат во водата или на брегот. Концесионерите се тие кои се должни да постават вакви обележја, а ако плажата нема сопственик тоа треба да го направи општината.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Плажите се омилено место во овие екстремно жешки денови, но малкумина знаат дека кријат и безброј опасности. Капачите не знаат каква е конфигурацијата на дното на езерото, каде има карпи, а каде песок, колку е длабочината на водата на одредени места, кои се црни точки, дали има подземни извори и вртлози, дали на оние плажи каде има мост тој е безбеден и тн. Не беше така одамна кога на плажите, посебно на оние уредените и покрај хотелските комплекси постоеја знаци од кои можеа да се добијат вакви информации. Сега од некогашните обележја нема ниту траг, а нови не се сетил никој да постави.
Ние секогаш пред сезона вршиме увид на капалиштата за да видиме дали се обезбедени, колкаво е нивото на водата со цел да дадеме одредени препораки и совети. Но самите концесионери согласно правилникот за обележување на капалиштата се должни да истакнат знаци дека овде не е дозволено скокање, дека скалите се лизгави, дека мостот не е во функција или пак е во функција, вели Сашо Точков, претседател на ЦК Охрид.
Нема лето, а да не се случат несреќи на охридските плажи. За жал некои од нив со фатален крај. Неодамна 35 годишно момче скокајќи на плажа кај Лагадин ја повреди главата во карпа и поради тешките повреди го загуби животот. Можеби доколку имаше некакво предупредување дека на тоа место дното е карпесто не ќе дојдеше до тоа. Многу често може да се забележи како малолетници скокаат од мост кој воопшто не е безбеден, па пред да скокнат во вода ќе се повредат или ќе ја заглават ногата помеѓу штиците кои се трули и се распаѓаат.

За жал на многу мал број плажи имаме такви знаци, а од друга страна има знаци дека не може да се влегува со костум за капење во објектот, а немаме знаци за тоа каква е водата или каква е конфигурацијата на теренот, објаснува Точков.

Од Спасувачката служба на вода сугерираат на оние плажи кои ќе бидат дадени под концесија, привремените сопственици да се погрижат за нивното обележување. А останатите кои се под општина таа да постави знаци и на некој начин да ја подобри безбедноста на посетителите.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top