• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • На охридскиот народен театар потребни му се нови вработувања и подобрување на инфраструктурните услови

На охридскиот народен театар потребни му се нови вработувања и подобрување на инфраструктурните услови

Сеуште најголемиот дел од финансиските средства кои Министерството за култура ги издвојува за театрите оди за плати и сметки за комунални услуги, а не за зголемување на квалитетот на продукцијата. На Охридскиот народен театар како млада театарска куќа, потребни се значителни финансиски средства, кои ќе помогнат не само во зголемување на ансамблот, туку и во подобрување на инфраструктурните услови.

 |   | 

Тетарската уметност е токму уметноста која во себе ги сплотува сите останати уметности, но тоа е и уметноста која чини најмногу пари. Веќе од оваа година во програмата на локалната самоуправа се издвоени финансиски средства за охридската млада театарска куќа. Иако долго време стои идејата за  децентрализација и деполитизирација на тетарските куќи, сепак секоја општина не е подготвена на тоа.
Стрезо Стаматоски в.д. директорот на центарот за култура во Охрид вели дека враќањето на охридскиот центар за култура во владение на локалната, без претходно направена студиозна анализа, моментално не е препорачливо, бидејќи финансиски би претставувало значително оптеретување за општината. Меѓутоа тука би можело да помогне ресорното министерство.

„Сеуште за жал немаме слух кај надлежното министерство. Но се надевам дека во некоја блиска иднина иднина ќе се допринесе со еден таков храбар чекор, пред се за Охрид кој сакаме да го нарекуваме „градот на културата“, меѓутоа за да го заслужиме тој епитет, треба да вложиме.“- вели Стрезо Стаматоски -в.д. НУ Центар за култура „Григор Прличев“.

За една млада театарска куќа полесно да функционира, да се зголеми бројот на претставите на репертоаорт, да се подигне квалитетот на претставите, потребни се значителни финансиски средства, кои ќе помогнат не само во зголемување на ансамблот, туку и во подобрување на инфраструктурните услови, објаснува директорот Стаматоски. За ова е согласна и младата режисерка Дејана Николовска , која објаснува дека кадровските и инфраструктурни потреби се секогаш условите кои го определуваат квалитетот на продукцијата на една театарска куќа.

„Ограничен со тоа е и бројот на текстовите кои тука може да се работат, и авторите. Многу тешко е да земеш и да се нафатиш да работиш еден класичен текст, а тоа е нешто низ што секој респектибилен театар треба да го помине и треба да го има, така да за тетарот да се крене на едно повисоко ниво, потребни се вработувања и свежа крв.“– Дејана Николовска -режисер

Од тетатарот велат дека продолжуваат преговорите со бизнис секторот. И додека најголемиот дел од парите наменети за театрите сеуште одат за плати и сметки за комунални услуги, а не за зголемување на квалитетот на производството, публиката треба да си ги намали очекувањата и да чека некои подобри времиња.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top