Наскоро, првата професионална претстава на знаковен јазик за деца „Три“, ќе гостува и во Охрид. Станува збор за прва професионална претстава на знаковен јазик за глуви и наглуви лица, но и за останатата широка публика. Актерите во претставата паралелно зборуваат говорно и на знаковен јазик. Во Охрид претставата ќе биде поставена на 2-ри декември во 17 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 17 часот.
Наскоро во нашиов град ќе гостува театарската детска претстава насловена како „Три“. Станува збор за првата професионална претстава, правена на знаковен јазик. Новитетот на оваа претстава не е тоа што е правена на знаковен јазик, туку дека актерите во претставата во исто време и говорат. Што значи дека не е само за деца со оштетен звук туку за широката публика, вели Јован Ристовски режисер на претставата.
Најубавиот, наједукативниот дел во оваа претстава, дидактичкиот дел во оваа претстава за деца е тоа што има една сцена која се вика училница, кадешто всушност на премиерата приметивме дека детската публика ужива со актерите, бидејќи ја учат азбуката. Значи децата кои слушаат ја учат говорно азбуката, а децата кои се со оштетен слух ја учат азбуката на знаковен јазик, но убавината беше во тоа што и широката публика и децата со оштетен слух заедно ја учеа знаковната азбука – истакна Ристовски.
Ристовски објасни дека подготовките за претставата траеле отприлика два месеци. Ние како театарска екипа се судривме со една многу непозната материја која требаше и сакавме да ја совладаме. Театарската уметност познава и негува различни методи на работа, од актерски жанрови до стилска игра итн. Но оваа материја, знаковен јазик, говор во исто време, експресија на емоции, патот на мислата и нaмерата на ликот, па се до актерската игра, реакциjaтa, мизансценот и тоа да се одигра паралелно, колку и да изгледа во претставата нормално и речиси воопшто не делува ни чудно или наметнато е напорно и тешко за еден актер – објасни режисерот.
За прв пат македонските актери поминаа процес на обука на знаковен јазик, за да можеме да ја реализираме комплетната идеја на сцена. На почетокот беше напорно, нешто што не го разбираме, нешто со што за прв пат сме се соочиле на проби, во тееатарски процес, но откако ги научивме знаците и логиката на знаците, актерите после можеа да ги работат понатамошните сцени. Оваа претстава ќе ја разбранува јавноста на секое поле, мора како општество да се соочиме со фактот дека во нашата земја има граѓани со оштетен слух, а ние не секогаш сме свесни за нивните права, проблеми, желби и потреби и за тоа колку овие лица ја добиваат поддршката од општеството која им е потребна. Зборот „инклузија“ кој често знае да се слушне денес, не е само термин напишан на хартија или скап семинар од илајдници евра. Самата претстава „Три“ е пример за инклузија, каде сите заедно и актерите и публиката во салата на едно место прават да се случи таа инклузија – вели Ристовски.
Оваа претстава во Охрид ќе биде поставена на 2-ри декември во 17 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 17 часот. Реализирана од страна на асоцијацијата АТО – Центар за современа уметност и култура – Битола, а финансиски помогната од Германска Интернационална Агенција за развој ГИЗ.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град