Замрзнаа делови од крајбрежјето на Охридското езеро. Ниските температури создадоа мраз на површината на водата. Ваквата појава не е невообичаена, велат од Хидобиолошкиот завод. Додаваат дека ниските температури немаат никави штетни влијанија врз еко системот во езерото.
Делови од Охридското езеро под мраз. Поради ниските температури кои на моменти се спуштија и под 15тиот степен под нулата, на делови од крајбрежјето на езерото може да се забележи мраз. Ваква појава има наспроти хотелот Палас, на Мазија кај плажите Метропол и Градиште на некои помали површини од источниот дел на езерото.
Тоа е ништо. Тоа е еден промил од Охридското езеро. Оваа појава нема воопшто да има никакво негативно влијание врз растителниот и животинскиот свет во езерото, вели Д-р Трајче Талевски од Хидробиолошки завод.
Д-р Талевски објаснува дека можеби ќе изгледа малку чудно, но на езерото му се потребни вака ниски температури бидејќи тогаш доаѓа до мешење на водата по вертикала па хранливите материи и кислородот навлегуваат и во подлабоките слоеви.
Охридското езеро за разлика од Дојранското кое е во групата на умерени езера спаѓа во групата на суптропски езера. Така што Дојранското може и целосно да замрзне, а тоа не може да се случи со Охридското освен ако се случат некои навистина катастрофални промени на времето, вели Д-р Талевски.
Моменталната температура на површинската вода во Охридското езеро е околу 10тиот степен што е во рамките на дозволеното за овој период од годината, вели Д-р Талевски.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град