И натаму молк во „Охридско лето“, нема абер за нови селектори

Веќе втор ден по откажувањето на новите селектори од нивните нови функции, директорот на фестивалот сеуште недостапен.

 |  Мишел Наумоски  | 
Ohridsko leto
Охридско лето

Ohridsko leto„Охридско лето“ и утрово се разбуди без музичкиот и драмскиот селектор. Велат утрото е помудро од ноќта, но барем засега не е така. И натаму само молк од дирекцијата на фестивалот. Се чини никој не сака да го повлече првиот чекор, но што понатаму? На изненадување на сите, цели пет дена имавме нови селектори на музичката и драмската програма на „Охридско лето“. Тоа се имињата на Горан Стојаноски, нашиот познат актер и директор на Охридскиот театар, и Маја Чанаќевиќ, директорката на Македонската филхармонија. Но еве поминува и вториот ден откако тие ги одбија нивните нови функции, а фестивалот остана без селектори. Оној кој е задолжен за назначување е токму директорот на фестивалот, Васко Василески. Меѓутоа откако пред неколку дена не информираше за смената на селекторите, Василески буквално изчезна од радарот.

Веста за откажувањето на Стојаноски и Чанаќевиќ од функциите селектор, помина без никаков официјален коментар од оној кој нив ги избра. Директорот Василески, втор ден со ред, е недостапен за медиумите.

Додека чекаме на новите селектори на програмата на фестивалот, незапирливо тече времето до неговиот почеток. Само за потсетување доколку тоа останало неспоменато, на оваа престижна манифестација уште од самите почетоци, продефилираа најпознатите светски имиња од уметноста. Од диригентите Зубин Мехта и Енио Мориконе, најпознатиот тенор на светот, шпанецот Хосе Карерас, потоа Џеси Норман, Вадим Репин, Џулијан Рахлин, па се до Дуке Бојаџиев и Најџел Кенеди. Сите ја оставија без зборови охридската и светската публика.

Chanachevic i Stojanoski

Историјата и минатото на фестивалот „Охридско лето“ ни е позната на сите, не само во земјава, туку и многу, многу пошироко. Но се чини дека во моментов, најважно е прашањето што носи иднината за нашата најзначајна културна манифестација?

Дали следува период на нови бури и невремиња за „Охридско лето“, и дали ќе ни се повтори сценариото од изминатите години кога вршители на должноста одлучуваа за судбината на фестивалот? Со должна почит до стручноста на оние кои стоеле на чело на оваа манифестација последниве неколку години, но не смее да се дозволи во последен момент да се бираат луѓето од кои во целост зависи квалитетот на самиот фестивал. Нашите сетила по навика се изоструваат од 12 Јули до 20 Август секоја година, но што ќе видиме и слушнеме во ова 2012то лето?

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top