• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Млад охриѓанец го загуби животот во физичка пресметка што синоќа се случи во кафе барот „Табана“

Млад охриѓанец го загуби животот во физичка пресметка што синоќа се случи во кафе барот „Табана“

Зa жал Новата година во Охрид започна со немил настан. Млад охриѓанец го загуби животот во физичка пресметка што синоќа се случи во кафе барот „Табана“ .

 |  Јаковлева Лионела  | 

Црн биланс по новогодишната ноќ во Охрид. Едно лице го загуби животот во тепачка што синоќа се случи во кафе барот „Табана“.

Димитар М. (27) од Охрид, им подлегна на повредите во општата болница во Охрид, откако претходно пред  кафе барот „Табана“ бил физички нападнат од еден државјанин на Република Србија кој на сега починатиот на плочникот од улицата пред влезот на кафе барот му нанел повеќе удари со раце и нозе по главата и телото. На овој напад, му претходела жестока вербална расправија помеѓу две групи во кои од една страна бил сега починатиот Димитар и уште други двајца негови пријатели, а од другата страна бил српскиот државјанин од Краљево со уште двајца други негови пријатели. Оваа вербална расправија со меѓусебна турканица се случила внатре во кафе барот „Табана“. Тука понатамошниот тек на нарушувањето бил спречен од вработените во кафе барот. Напуштајќи го кафе барот, сега починатиот бил повторно физички нападнат од српскиот државјанин кој пред угостителскиот објект му задал повеќе силни удари со раце и  нозе.
Од местото на настанот, Димитар М. кој имал сериозни телесни повреди со возило на брза помош е пренесен во општата болница во Охрид каде по половина час им подлегнал на повредите, рече портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Од страна на Јавен обвинител уште во раните утрински часови извршен е увид и обезбедени се материјални траги.

По добиени сознанија и усна наредба од судија во претходна постапка, извршен е претрес во седум соби во објектот „Табана“, со цел пронаоѓање на сторителите на кривичното дело. Во една од собите, пронајден е српскиот државјанин за кој постојат основи на сомнение дека е сторител на физичкиот напад врз сега починатиот. Во истата соба, пронајдени и обезбедени се траги од крв и на дел од облеката на осомничениот. Во другите простории пронајдени се вкупно пет други српски државјани  кои биле заедно со осомничениот и биле соучесници во нарушувањето на јавнит ред и мир во објектот. Сите лица се приведени во СВР Охрид, а три од нив по дополнителни оперативни мерки, се лишени од слобода, рече Димоски.

Околу сознанијата што Телевизија ТВМ ги доби во врска со тоа дека во кафе барот Табана дел од обезбедувањето во синоќешната кобна ноќ било и лице припадник на силите за безбедност, портпаролот Димоски со став.

Јас одговорно тврдам дека такво лице во кафе барот „Табана“ немало, вели Димоски.tabana

Во тек се истражни дејствија препознавање, што во СВР Охрид се вршат во содејство и координација со јавниот обвинител. Претходно преземени се мерки за анкетирање на очевидци и вработени во угостителскиот објект. По наредба на јавниот обвинител, денес беше извршена обдукција врз телото на сега починатиот.

Димоски рече дека инцидентот во центарот на градот е изолиран случај и дека безбедносната состојба во Охрид не е нарушена. Тој посочи дека полицијата презема засилени мерки и ќе го зголеми физичкото присуство на терен со цел да не дојде до нарушување на јавниот ред и мир.
Телевизија ТВМ апелира до сите граѓани и гостите кои за празниците престојуваат во нашиов град да го подигнат нивото на толеранција бидејќи ваквите немили настани не носат добро за никого. Да не дозволиме повеќе да се всее страв кај граѓаните за сопствената безбедност, а Охрид и понатаму да остане посакувана туристичка дестинација.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top