Градежните активности околу изградбата на најголемиот автопат во нашата земја Охрид – Кичево течат со предвидената динамика, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, при неговата денешна работна посета во Дебрца. Над 80% е пробиена трасата на автопатот, додека пак 35 % е завршена изградбата на автопатот. Очекувањата на министерот се дека новиот автопат ќе биде готов до 2018 година.
Работна посета и увид во градежните активности околу изградбата на најголемиот автопат Охрид – Кичево, изврши министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, во Арбиново Дебрца. Според последните податоци со кои располага министерот повеќе од 35% од севкупните активности биле завршени, додека пак преку 80% била пробиена трасата на автопатот.
„Очекувам дека оваа година околу 14 км комплетно ќе бидат асфалтирани тоа веќе го зборувам согласно динамиката, како што ги гледам можностите тоа ќе се оствари, ќе гледаме и дополнителни делници да асфалтираме или севкупно планираме околу 50% да завршиме оваа година со севкупни градежни активности. Не очекува голем предизвик во наредните години согласно договорот и сите предизвици што се наоѓаат пред нас да го завршиме овој проект и граѓаните да добијат нов модерен добар автопат што го заслужуваат“ – изјави Мисајловски.
Како што информираше директорот на Агенцијата за патишта Александар Стојановски, на автопатот Охрид – Кичево во земјава моментално работат 1250 вработени лица и 560 машини. Додаде дека се работи интензивно и досега ваква концентрација на механизација во нашата земја, немало.
„Моментално се завршени околу 67% од земјените работи, тунелот е завршен со околу 32 % а виадуктите околу 60 %. Се работи значи на сите објекти, го следев парашањето во врска со безбедноста на сообраќајот, сметам дека од најголем дел се исполнети барањата пред се од МВР кои што ни ги диктираат тие работи, но ќе дадеме и дополнителна иницијатива да се постават повеќе знаци со оглед на престојната летна сезона која што доаѓа“ – вели Стојановски.
Изградбата на авотпатот продолжува и во текот на летната сезона, но при тоа ќе се запазат сите безбедносни мерки за непречно одвивање на сообраќајот кон главниот туристички центар. Најголемиот проект од патната инфраструктура во земјава автопатот од Кичево до Охрид ќе биде долг 57 км и е инвестиција вредна околу 400 милиони евра. Во исто време продолжува и изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, Миладиновце – Штип, но и реконструкција и изградба на повеќе регионални и експресни патишта.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град