Штрајкот во судовите повеќе се одразува на судската администрација отколку на граѓаните. Таков е ставот на Претседателот на Здружението на судската администрација, Борче Мирчески. Тој смета дека фазата на надминување на евентуалните последици кои би можеле да ги претрпат граѓаните околу нивните судски спорови е завршена, додека пак останува отворено прашањето кој ќе им ги врати на вработените 40%те проценти кои ги заработија како казна и покрај тоа што си ја завршиле работата.
Предметите на охриѓани кои се во постапка во Основниот суд во Охрид нема да претрпат сериозни последици, тврди претседателот на Здружение на судска администрација, Борче Мирчески. Штрајкот на судската администрација почна на 18 ти мај годинава а во мирување беше ставен на 15 јули. Периодов додека трае судската ферија, судските службеници што штрајкуваа речиси два месеца, се вратија на работа и ги сработија итните предмети, предметите со странци, времените мерки, и примаа материјали и пошта од странки, тврди Мирчески.
„Сметам дека сите предмети кои што заостанаа, за време на одморите вработените во судската администрација вложија дополнителни напори за да се надмине тоа и за да се намали евентуалната штета што би ја претрпеле граѓаните. До крајот на одморите верувам дека секаде ќе бидат надминати сите предмети кои се заостанати и ќе треба да почнат рочиштата кои беа одложени, така да околу последиците кои што ќе ги имаат граѓаните, ќе се вложат максимални напори истите да бидат сведени на минимум“.
Мирчески смета дека не помалку важно е и прашањето околку последиците што ги трпи судската адмнистрација. Според него, по се изгледа казната од 40 % за јунската плата што удри директно по џебот на административците нема да им биде надоместена и покрај тоа што тие вложиле напори на минимум да ги сведат рочиштата на предметите кои треба да бидат решени.
„Тие последици онолку колку што е во можност финансиски, синдикатот и Здружението на УПОС ќе ги надомести, но не сум сигурен дека во целост ќе може да ги надоместиме тие финансиски средства и прашањето сега е на кој начин ќе бидат обесштетени судските административци и покрај тоа што цела работа која што беше заостаната ќе биде надмината. Прашањето е: работата ќе биде завршена а казната на судската администрација останува“
Одлуката дали ќе продолжи штрајкот треба да биде донесена најдоцна до почетокот на месец септември, вели Мирчески. Но според него, во моментов правеле анализи при што во предвид ја зеле и политичката криза во земјава. Мирчески категоричен доколку дојде до формирање на експертска или техничка Влада, беспредметно би било да се штрајкува до изборите бидејќи таа Влада, првенствено треба да ги подготвува и спроведува изборите. Додава дека засега Владата сеуште има игнорантски однос спрема штрајкот на судската администрација и сеуште немала остварено никакви преговори со Здружението. Инаку во Основниот Суд во Охрид штрајкуваат околу 90 административци, само 2ца не се приклучиле кон штрајкот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град