Министерот за здравство Никола Тодоров вчера ја посети охридската Општа болница и оствари средба со менаџерскиот тим. Тодоров при тоа најави негов личен ангажман за што поскоро надминување на проблемот околу реконструкцијата на старото болничко крило. „Станува збор за проблем на кој сум фокусиран уште од првиот ден од кога сум на чело на Министерството за здравство. Проблемот е во начинот на кој е изведена целата работа, проектот е прилично лошо направен и како резултат на тоа дојдовме до ситуација да размислуваме дали истиот да се реновира или целосно да биде урнат“, рече Тодоров. Тој појасни дека Министерството го ангажирало Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје да изврши увид во каква кондиција е објектот. Реконструкцијата на старото крило на охридската општа болница во кое беа сместени одделенијата за хирургија, урологија, гинекологија и уво, грло и нос започна точно пред една година. Според проектот работите требаше да завршат за 16 месеци. Реконструкцијата на старото крило на болничкиот комплекс во Охрид неодамна беше целосно запрена заради утврдените отстапки во висината на објектот. За реконструкција на охридската болница Министерството за здравство распиша меѓународен тендер кој го доби бугарската компанија „ГБС“ од Благоевград. Изведувач на градежните работи, пак е скопската градежна фирма „ДОТ Архитекти“, според проект на „Иванов инженеринг“ од Битола.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град