После неколку децении чекање, ќе бидат санирани и некои од малите улици во градов. Жителите кои живеат на четирите мали улици, кои ги поврзуваат улиците „Питу Гули“ и „Ѓорче Петров“, се жалат дека веќе со децении чекаат да бидат санирани нивните улици. Од Оддлелението за сообраќај и комунален развој при Општина Охрид, најавуваат дека при крај се подоготовките за реализација на мини проектот со кој ќе се реши овој проблем. Советникот за улици и патишта Зоран Шикалески, вели дека само една од овие улички е во функција и тоа онаа која е најблиску до ОУ „Христо Узунов“, додека останатите за останатите три не е извршена експропријација во целост.
„Во овој период се врши експропријација на две од тие сокачиња, едната експропријација е речиси 100% завршена, додека другата е во тек. Во план ни е поврзување на овие две улици со двете сокачиња. Сакаме да влеземе и да ги санираме да изгледаат онака како што треба,“ кажа Шикалески.
Тој додаде дека станува збор за улички кои одамна се асфалтирани, но дека оштетувањата на нив се големи. Поради тоа неминовно е на дел од нив да се изврши целосно асфалтирање, додека на некои од нив им е потребна само мала реконструкција и крпење на ударните дупки. Така додава Шикалески ќе може да се стават целосно во функција и гледано од сообраќаен аспект на нив ќе може да се одвива еднонасочен сообраќај. Што се однесува до една од најголемите населби во градот, „Христо Узунов“, Шикалески изјави дека ќе се пристапи на решавање на неколку комунални проблеми. Првиот се однесува на сепарацијата на атмосферската канализација.
„Планираме и изградба на дождовна канализација која бисе поврзала со улицата „Даме Груев“ и во тој случај овој дел на градот би бил целосно одводнат и сите оние проблеми кои настануваат во однос на мешањето на канализационите и атмосферските води ќе се решат“, уверува Шикалески.
Советникот за улици најави дека до крајот на годината ќе се пристапи и на изградба на две спортски игралишта во оваа населба. Станува збор за едно малечко детско игралиште и едно поголемо спортско игралиште за мал фудбал и кошарка. Со ова ќе се заокружи овој проект и ќе се добие едно мало катче во кое ќе може да уживаат најмладите, а и повозрасните.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град