Жените во Македонија извршуваат над 70% од неплатената работа за грижа за семејството и децата. Доколку им се плаќа на жените за сето она што го работат бесплатно тоа би изнесувало околу 2 милијарди евра годишно. Ова се посочува во новата студија на Реактор Истражување во акција, насловена Мажите и грижата: Грижлив маскулинитет во Македонија, која претставува сеопфатен извештај кој меѓу другото ги разгледува и родовите јазови во платената и неплатената работа и се осврнува на мажите и грижата, како и политиките за родителско и татковско отсуство.
Во просек, жените во Македонија извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа за грижа, додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина од вкупниот обем на работа. На дневна основа, во споредба со мажите, жените трошат 18 пати повеќе време за миење садови, 12 пати повеќе време за чистење, 9 пати повеќе време за готвење и 3 пати повеќе време за грижа околу децата.
Родовата нееднаквост станува уште понагласена во пандемијата со Ковид 19, се посочува во Извештајот на Реактор за вклученоста на мажите во активности поврзани со грижа кон други лица. Официјалната статистика за Македонија, според спроведените анкети за користење на времето, покажува дека во просек мажите трошат повеќе време на платена работа (вработување), додека жените посветуваат повеќе време на неплатена работа за грижа. Во еден работен ден, само 37,6% од времето на жените е платено, а на мажите платено им е 70 % од времето. Доколку неплатената работа за грижа од страна на жените во Македонија се вреднува со минимална плата, таа би имала монетарна вредност од 1,917,895,508 €, што е 17,18% од бруто домашниот производ за 2019 година. Имајќи го предвид сето ова, време е конечно да ја препознаеме вредноста на неплатената грижа и да почнеме да се грижиме за неформалната економија на грижа. Кога станува збор за балансирање на одговорностите меѓу родителите, сегашното законодавство не дава можност за заеднички модели на родителско отсуство, кои ќе ја земат предвид улогата на двата родители во грижата и воспитувањето на децата.
Неопходни се политики кои промовираат споделена грижа и поголемо вклучување на мажите во грижата, е заклучокот од истражувањето на Реактор во студијата насловена Мажите и грижата: Грижлив маскулинитет во Северна Македонија. Истражувањето нагласува дека државните и приватните политики треба да се насочат кон создавање работни средини кои промовираат и поддржуваат иницијативи за рамнотежа помеѓу работата и животот, како што се воспоставување установи за згрижување деца (градинки) во рамки на работните простории, флексибилни работни аранжмани, двојно родителско отсуство, безбеден, достапен јавен превоз, пристап до центри за одмор, рекреација и спорт итн. Ваквите политики можат значително да го подобрат квалитетот на животот на луѓето, но и нивниот придонес кон општеството и работата, се заклучува во студијата.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град