Лошата исхрана и слабата физичка активност како епидемија ги зафаќа и македонските деца. Иако до неодамна Македонија важеше за земја на здрави деца кои здраво се хранат, во последниве години за жал и ние ги следиме западните трендови. Децата се повеќе висат пред компјутер или телевизор, а ги забораваат друштвените игри во природа. Еден од клучните фактори за одржување на детското здравје е се разбира и правилната исхрана. Јадењето на брза храна станува навика не само на малите деца туку за жал и на нивните родители.
„Би рекол тука дека голема одговорност имаме сите ние, претежно родителите. Значи треба секое дете да се мотивира да практикува еден здрав начин на живот, физичка активност, ако треба ќе им ги исклучиме компјутерите, но мораме да помислиме на тоа дека со таков начин на живот само се предизвикува пораст на ризик факторите за појава на кардиоваскуларни заболувања, појава на дебелина, на гојазност и сите други ризик фактори што го забрзуваат процесот на аретриосклероза на крвните садови и појава на кардиоваскуларните заболувања.“-вели специјалистот кардиолог, Д-р Светослав Маџаров.
Речиси една третина од децата од предучилишна возраст, имаат прекумерна телесна тежина, покажуваат истражувањата на Институтот за јавно здравје на Република Македонија. Според споменатата студија, околу 28 отсто од второодделенците го имаат истиот проблем. Се смета дека 20 до 40 отсто од децата, како и 80 проценти од адолесцентите целиот живот ќе бидат соочени со проблемот со прекумерна телесна тежина. Но проблемите со тежината со себе носат и многу други здравствени проблеми.
„Болестите не се само од кардиоваскуларен аспект, значи и на други болести и на внатрешните органи како срцето и крвните садови. Значи физичката неактивност и гојазност се главните ризик фактори што нажалост сега ги имаме кај младата популација, кај децата. Јас би апелирал до родителите. Клучот е во образованието и во родителската грижа за децата. Значи да се преферира физичка активност и еден здрав начин на живот со исхрана, не брза храна како што рековте, туку една поздрава исхрана. Застапеност на рибата во исхраната, ние сме место покрај езеро, покрај вода, но за жал во Охрид многу малку се конзумира риба.“-додава Д-р Маџаров.
Д-р Маџаров вели дека застапеноста на омега 3 масните киселини во рибата и морските плодови ги прават особено значајни за развојот на младото детско срце. „Секоја храна што содржи помалку калории е пожелна, што не значи дека од исхраната треба да се исфрлат млекото и млечните производи, но сепак акцентот секогаш да се става врз исхраната полна со зеленчук и овошје-додава д-р Маџаров.“
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град