Македонија е земја на луѓе, а не на споменици

Социјалната политика во изборната програма на  социјалдемократскиот сојуз на Р Македонија, тема на пресс конференцијата која се одржа денеска во просториите на ОИШ на СДСМ.

 |  Маленкова Татјана  | 

Социјалната политика во изборната програма на  социјалдемократскиот сојуз на Р Македонија, тема на пресс конференцијата која се одржа денеска во просториите на ОИШ на СДСМ.

„Владата на Никола Груевски во изминативе 5 години многу повеќе се грижеше за споменици и восочни фигури, отколку за своите граѓани.
Во услови кога во Република Македонија има 32% сиромашни, оваа влада троши стотици милиони евра за лавови, бикови и шмизли, а драстично го намалува бројот на корисниците на социјална помош и истата доцни и по неколку месеци со исплатата“, истакна кандидатот за пратеник од 5 тата изборна единица, Митре Велјаноски.

„ Во последните две години, на голем број граѓани во Охрид и во целата Република, им беше укината социјалната парична помош само заради тоа што имале годишен приход од 300 или 500 денари од собирање пластични шишиња или слично. Беа тргани од списоците и им беше скратувано правото за опстанок. Во последниве денови двојно а некаде и тројно низ македонија е намелен бројот на корисниците на социјална помош“, истакна Велјаноски.

Со оглед на севкупната состојба на овој план , за новата Влада на СДСМ ќе биде  многу важно решавањето на проблемите на сиромашните, стечајците, лицата со посебни потреби и пензионерите.  

Велјаноски додаде дека Политиката на новата Влада на СДСМ  во Социјалната област ќе се темели на 4 клучни елементи и тоа, Решение за стечајците, целосна интеграција на лицата со посебни потреби, Социјална заштита и Достоинствен живот за пензионерите.

„Во соработка со здруженијата на пензионерите, ќе го промениме  начинот на усогласување на висината на пензиите. Сега врз висината на пензиите подеднакво влијаат промената на трошоците на животот и промената на платите, а во иднина, висината на пензиите би зависела повеќе од промената на трошоците на животот, а помалку од промената на платите“, додаде Велјаноски.

Новата Влада ќе го скрати и периодот за усогласување на висината на пензиите. Поточно, наместо на секои 6 месеци, висината на пензиите ќе се усогласува на секои три месеци, истакна кандидатот за пратеник од 5 тата изборна единица и додаде дека, пензионерите ќе бидат застапени во сите форми каде ќе се одлучува.

Во програмата на СДСМ стои и дека новата влада посебно внимание ќе посвети и на лицата постари од 65 години, кои не примаат пензија, истите, од 2012 година  ќе имаат можност да примаат Државна социјална пензија.
Велјаноски потенцираше дека владата на СДСМ нуди
решение и за стечајците, но и Целосна интеграција на лицата со посебни потреби.

„Нашата Влада ќе овозможи унапредување на човековите права, еднакви можности и целосна интеграција на лицата со посебни потреби. Ќе се донесе закон за правата на лицата со посебни потреби кој темелно и системски би влијаел на многу витални области од животот на овие лица, ќе  започнеме и процес на изградба на пристапни рампи во основните и средните училишта, со што ќе се овозможат минимални услови за фер вклучување на лицата со посебни потреби во образовниот процес, а ќе се донесе и закон за дефектолошка дејност, со цел да се подигне нивото на дефектолошка поддршка.

Кандидатот за пратеник од 5 тата изборна единица потенцираше и дека Влада на СДСМ од 01.06.2012  ќе ја зголеми поддршката на социјалните семејства со парична помош за 40% во однос на сегашната состојба.

Велјаноски уште потенцираше дека владата на СДСМ ќе изгради и социјални населби, со што ќе се реши станбеното прашање на голем број социјално загрозени лица.
„Социјалните населби ќе овозможат повеќекратни поволности за социјално најзагрозените лица, вклучително СОС продавници со намалени цени на основните продукти, поврзување со центарот на градот со пониска цена на градскиот превоз“, истакна Митре Велјаноски кандидат за пратеник на 5 та изборна единица – СДСМ.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top