Локалната самоуправа ќе воведува ред во поставувањето урбана опрема

Локалната нема да ги толерира угостителите кои поставуваат столици и маси на јавни површини без одобрение за поставување урбана опрема. Додека не добијат соодветно одобрение не смеат да узурпираат јавна површина. Велат за прекршителите ќе следуваат санкции. Охрид мора да заличи на вистински туристички центар.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Локалната самоуправа ќе воведува ред во поставувањето урбана опрема. Повеќе нема да се толерира нелегално поставување столици и маси и друга опрема на јавни површини . Сите субјекти кои веќе поставиле ваква опрема, а за тоа не добиле одобрение ќе бидат соодветно санкционирани. Програмата за поставување урбана опрема е донесена во месец февруари годинава, но според информациите, досега постапката ја започнал само еден угостител. Физичките и правните лица можат и понатаму да поднесуваат барање за поставување урбана опрема , но додека не добијат одобрение не смеат да ја поставуваат урбаната опрема.

Измина доволно долг период во кој толериравме да бидат поставувани маси и столици со кои се остварува профит, а за тоа не плаќаат. Ние даваме рок до 10 април, потоа оној кој ќе нема обезбедено одобрение за поставување урбана опрема, а има поставено, ќе биде санкциониран. Законски имаат можност да поднесат барања и подоцна, но додека не добијат одобрение не смеат да поставуваат, категоричен е градоначалникот Јован Стојаноски.

Градоначалникот вели дека програмата за поставување урбана опрема на барање на туристичките работници може да претрпи измени и корекции, но доколку тие се законски оправдани. Ова беше потенцирано на денешната средба на градоначалникот и претставници од УЈП, Државен пазарен инспекторат и СВР Охрид со угостители, тезгаџии и останати корисници на урбана опрема. На средбата се отворија повеќе прашања но најголемиот дел од нив беа од угостители кои претходно биле одбиени за добивање одобрение за поставување урбана опрема на јавна површина, како што се тротоарите.

Да ги прашам сите институции како се третираат тротоарите? Мојот угостителски објект е на улицата Јане Сандански и сакав да отворам летна тераса. Ми кажаа дека не можам да добијам одобрение да поставам маси и столици на дел од тротоарот. Која е разликата меѓу тротоарите на Јане Сандански и тротоарите на Кејот Македонија? Зошто таму може да се поставува урбана опрема, а на Јане Сандански не? Претходно четири години сум упорно одбиван да поставам урбана опрема на тротоарот пред мојот угостителски објект, вели Илија Џепароски.

Димитар Зарчев, сопственик на угостителски објект пак имаше забелешки на неправилното користење на поимот урбана опрема. Потенцира дека под тој поим не се подразбираат маси и столици, па според тоа и не може да се зборува за нивно отстранување.

Треба да се внимава при служењето со термините. Сите барања што се поднесуваат се за урбана опрема, а никој угостителски работник не може да поставува урбана опрема, освен Локална самоуправа или надлежен орган, вели Зарчев.

Градоначалникот кажа дека поставувањето на масите и столиците на тротоарите е во насока на задоволување на потребите на гостите.

И плоштадот е јавен простор кој е наменет за пешачки сообраќај и со секое поставување на урбана опрема ние го нарушуваме движењето на пешаците. Но во интерес на подобар изглед на градот, за збогатување на понудата, се одрекуваме од дел од јавниот простор за да се остварат дополнителни приходи. Тоа општината секогаш го правела и треба да го прави во иднина. Програмата е донесена така да, во исто време не се наруши движењето на пешаците, но и да се задоволат барањата на туристите во центарот на градот, изјави Стојаноски.

Стојаноски рече дека оваа летна сезона ќе има поголем ред во поставената урбана опрема и дека градот нема да го има оној панаѓурски изглед кој го имаше минатите лета.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top