Од секторот за туризам и локален економски развој сметаат дека во оваа форма на туризам, свој интерес ќе најде и локалното население кое живее во руралните области.
Локалната самоуправа преку Секторот за туризам и локален еконоски развој ќе посветува поголемо внимание на развојот на руралниот туризам. Во таа насока тие аплицирале со три конкретни проекти до Агенцијата за подршка на руралниот развој, за кои изразија надеж дека ќе им бидат одобрени. Сепак со повеќе детали околу содржината на проектите велат дека ќе излезат откако ќе добијат зелено светло од Агенцијата.
Раководителот на секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолоски вели дека како дел од активностите за развој на руралниот туризам веќе пристапиле кон асфалтирање и реконструкции на улици во дел од руралните средини.
„Сметаме дека Охрид како град кој што досега бил најпознат по стационарниот или хотелски туризам или планинарски туризам е само еден дел од големата и богата туристичка понуда на градот која што без руралните средини и алтернативните форми на туризам кои што се дел од активните форми на туризам, а во денешно време тоа е најбараната форма на туризам, ние водиме грижа што повеќе да обрнеме внимание на развојот на овие форми на туризам, на развојот на руралните средини, а со тоа сметаме дека и самото месно население кое што живее во овие области ќе си го најде својот интерес да активно се вклучи и на тој начин и директно да се врши развој на руралните средини.“-вели раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолоски.
Апостолоски вели дека од информациите со кои располагаат, како рурален туризам, во моментот туристичките водичи во Охрид нудат само три тури.
„Едната екскурзија е во село Куратица и околината, втората екскурзија е во Елшани, а исто така има и тури кои што водичите ги носат луѓето низ Галичица. Значи зборувам за овој руралниот дел на охридскиот регион, меѓутоа тие имаат во своите понуди и екскурзии кои што опфаќаат повеќе градови, локалитети, не само во Македонија, туку врзани тури со Албанија, а ние директно не можеме да влијаеме на понудата на самите туристички агенции, меѓутоа се трудиме да создадеме услови за да имаме што побогата понуда во руралните средини, па самите водичи и туристички агенции после да си ги стават во својата понуда.“-рече Апостолоски.
Инаку како дел од туристичката понуда во руралните подрачја, Апостолоски смета дека во голема мера помагаат и манифестациите кои се организираат во руралните подрачја, а кои имаат промотивен карактер.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град