Одобрението за градење на хотел во населбата Лагадин е издадено во законски пропишана процедура со прибавување на сите потребни документи пропишани според законот за градење, тврдат од Локалната. Реакциите од мештаните и преставниците на Охрид SOS дека со изградба на овој објект се кршат законските норми ги сметаат за неосновани и претенциозни.
Нема ништо спорно во изградбата на хотелот во населба Лагадин, велат од Локалната. Од таму објаснуваат дека одобрението за градење на хотелот е издадено во законски пропишана процедура со прибавување на сите потребни документи пропишани според законот за градење. Додаваат дека не станува збор за хотел со шест ката, како што обвинуваа мештаните од оваа населба и дека се гради во согласност со одобрението добиено од Министерството за животна средина и Министерството за транспорт и врски.
Лилјана Јоноска, претставник од секторот за урбанизам,ги покажа сите документи кои биле прибавени, а кои му претходеле на одобрението за градба. Таа ваквите обвинувања ги оцена како неосновани, манипулативни и шпекулативни.
Како и за секое одобрение за градба така и во овој случај предходеше постапка за донесување на соодветна урбанистичко-планска документација. Во конкретниов случај се работи за општ акт за село Лагадин кој е донесен со Одлука на Совет на општина Охрид во 2015 година, вели Јоноска.
За општиот акт за село Лагадин добиена е согласност од Министерство за транспорт и врски, добиено е позитивно мислење од Јавното претпријатие за државни патишта, позитивно мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање од аспект на заштита на водите, мислење без забелешки од Јавната установа Национален парк Галичица, а на 12.05.2015 година националната комисија на УНЕСКО е известена од страна на општина Охрид, рече Јоноска.
Taa потенцирше дека се решени сите имотно правни односи поврзани со имотот на кој се гради хотелот. Издаденото одобрение за градење се однесува на објект од втора категорија со катност приземје плус три ката.
До секторот за урбанизам беше приложен комплетен идеен и основен проект, во кој се констатира дека објектот е со катност приземје и три ката, паркирањето е решено во целост во рамки на градежната парцела, а хотелот ќе содржи 11 апартмани и 6 соби или вкупно 34 легла, што е далеку од хотел со 1600 легла, рече Јоноска.
Јоноска на обвинувањата дека не била консултирана јавноста при донесувањето на ДУП-от за овој потег рече дека секој има право да има увид врз него и ако некој поднел барање за извод од план, а на барањето не му било одговорено подолг период, тоа ќе биде проверено.
Распишаната петицијата од граѓаните е само граѓанска иницијатива која ќе биде разгледана, но нема да има влијание врз текот на градежните работи, велат од Локалната.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град