Во Охрид голем број стари лица се сами , осамени и изнемоштени и не се во состојба да се грижат за себе. 82 годишната Љубица Дојчиноска секојдневно се бори со животот снаоѓајќи се како знае и умее. Таа вели дека институциите ја заборавиле и единствена надеж гледа во охридскиот Црвен крст. Од оваа организација веќе интензивно работат на проект преку кој ќе и помагаат на оваа популација на граѓани.
82 годишната Љубица Дојчиноска долги години живее сама во својата семејна куќа во Варош. Секој нов ден за неа е нова борба бидејќи нема кој да и помогне да ги заврши секојдневните работи. Тетка Љубица едвај се движи поради оштетувањето на зглобовите на нозете. Двапати неделно доаѓа жена која и пазари, готви и чисти, но тоа е премалку за оваа осамена старица.
Јас неможам ништо да направам сама. Ниту да зготвам нешто ниту пак да работам во куќава. Од вратава подалеку не излегувам. Понекогаш доаѓаат комшиите да ме посетат и ќе ми донесат нешто за јадење. На пример многу сакам комат и тие го знаат тоа па не ме забораваат. Ама за мене и за другите како мене треба да се погрижи државата. СЕ чудам зошто и црквата не помага. Барем по еден ручек да ни носат многу ќе ни олеснат, вели тетка Љубица.
Оваа старица која сеуште има бистар ум раскажува дека се обратила до сите институции за помош, а барала и да и се одобрат средства за нега, но не наишла на разбирање со образложение дека не е телесен инвалид. Единствена светла точка во нејзиниот сив живот се повремените комуникации и посети од страна на волонтерите на Црвен крст.
Да е жив Саше Точко. Тој летото дојде ме посети и ми рече дека кога ќе ми е роденденот ќе ми направат изненадување. И вистина, од Црвен крст дојдоа ме зедоа и ме однесоа на Сараиште . Таму ми донесоа и торта и се почастивме па и запеавме. Многу убаво си поминавме, се присетува тетка Љубица.
Претседателот на Црвен Крст, Сашо Точков кажува дека тие колку што можат им помагаат на оние луѓе кои се сами и немоќни. Во 2014та година реализирале и еден проект за помош на старите лица. Три тима составени од волонтери и вработени во Црвен крст оделе на терен, ги посетувале старите лица, им давале здравствени услуги, им пазарувале и им помагале во извршувањето на секојдневните обврски. Проектот финансиски бил подржан од Локалната самоуправа. Но во 2015та година општината не издвоила средства за оваа намена па проектот згасна. Точков вели дека тие не се откажуваат од идејата да им помагаат на на граѓаните од оваа популација. Оваа година изготвиле обемна програма во која систематски е обработен овој проблем.
Во тек се обуките на волонтерите кои се повозрасни луѓе кои ќе работат со граѓаните кои се осамени, повлечени и депримирани. На кои им е потребна помош но и социјализација. Не станува збор само за сиромашна категорија на граѓани туку во нив има и такви кои имаат добри примања но немаат кој да се грижи за нив, вели Точков
Овај проект треба да започне со реализација кон средината на декември. Ќе се одвива во три фази, а финансиски целосно е подржан од Црвен крст. Паралелно со тоа ќе аплицираат и со други проекти наменети за старите лица за чија реализација ќе побараат средства од Локалната самоуправа и останатите институции во градов и државава.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град