Лицата со оштетен вид многу тешко се снаоѓаат во институциите во градов

Во Охрид има околу стотина лица со оштетен вид или лица кои целосно го изгубиле видот. Тие многу тешко се снаоѓаат во институциите во градов. Од голема помош им е Здружението на слепи лица во Охрид од каде се ангажираат за решавање на овие нивни секојдневни проблеми. Бројот на членовите во ова здружение постојано расте.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Лицата со оштетен вид или оние кои целосно го изгубиле видот многу тешко се снаоѓаат во институциите во градов како и во здравствените установи. Доколку со нив немаат некое лице да ги придружува тие не можат да ја завршат својата работа. Во решавањето на овие нивни секојдневни проблеми им излегува во пресрет Здружението на слепи лица од Охрид. На младите лица најмногу им помага околу образованието и вработувањето, а на повозрасните им помага околу ориентација во просторот, да ја научат брајовата азбука,  околу остварување на некои бенефиции, да набават некои помагала, да остваруваат пензија и тн.

За сите проблеми и потреби кои тие ги имаат се обраќаат кај нас и преку нас ги решаваат во сите институции, ние не можеме да го решиме проблемот, но им помагаме во институциите каде треба да се обратат бидејќи кај нас работите се одвиваат многу бавно, па можеби треба неколку дена да се оди на исто место за да се заврши работата, па бидејќи лицата не можат сами, мора да се ангажира придружник, на ваков начин здружението им помага при сите нивни потреби, вели Славчо Џајкоски, секретар на Здружението за слепи лица од Охрид.
 
Во ова здружение кое постои веќе 70години се зачленети околу 75 членови од кои три се деца, а останатите се на возраст над 35 години. Деновиве се врши ажурирање на списоците на членовите на здружението. Тоа ажурирање се прави на секои четири до пет години од причина што на некого можеби му се зголемил процентот на слепило или пак некои можеби починале во меѓувреме.

Секоја година за жал има нови членови, но за среќа тоа се повозрасни лица кои го изгубиле видот поради шеќер во крвта или некоја друга болест. Има и нови млади членови, претежно деца кои се упатени во Скопје во заводот за слепи лица и младинци   и затоа сакаме да ги прочистиме и ажурираме списоците, некогаш ја менуваат адресата на живеење, телефоните, имаат нови потреби од помагала или пак им треба некаква помош, затоа се прави оваа постапка, вели Џајкоски.

Во Охрид има лица кои се слепи, а кои не се зачленети во здружението, вели Џајковски. Тој додава дека добро е тоа да го направат бидејќи доклоку се нивни членови има каде да се обратат за своите проблеми. Покрај тоа им се збогатува социјалниот живот. Во текот на годината се организираат околу 25 манифестации. Од областа на спортот учествуваат на државно атлетско првенство за слепи лица, се организираат натпревари во гобал – игра во која се користи специјална звучна топка, учествуваат на шаховски првенства каде се игра на специјална табла и каде се постигнуваат навистина солидни резултата. Слепите лица во текот на годината посетуваат и многу излетнички места, учествуваат на музички смотри. Сето тоа нивниот живот го прави поквалитетен и поисполнет, а тие помалку се чуствуваат отфрлени од општеството.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top