„Левица“: Ќе ја вратиме демократијата во Македонија

Ќе ја вратиме демократијата во Македонија, ќе го одблокираме системот на учество на граѓаните во процесот на одлучување, порачаа денес од Охрид левичарите. Од таму кажаа дека нема да дозволат бетонирање на Галичица со ски центри и патишта, бидејќи доколку се случи тоа ќе се создадат невидени еколошки импликации кои ќе допринесат губење на Националниот парк како природно богатство, а тоа пак е поврзано со Охридското Езеро.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Новата партија на политичката сцена, „Левица“, денес го одржа своето прво претставување во Охрид. Носителот на листата за 5 Изборна Единица, Здравко Савески кажа дека тука биле за да ја вратат слободата во Македонија, демократијата и социјалната правда. Тој кажа дека македонскиот граѓанин не живее туку преживува, а тоа не смее да се дозволи. Додаде дека земјата има пари но истите се крадат и се трошат од функционерската класа.

„Мора да престане кршењето на правата вклучително и на работничките права за да можат луѓето да останат во земјата. Охрид стана град на духови, почнаа да бегаат граѓаните и се празни градот како и многу други градови. Без да се нормализира состојбата во Македонија ќе продолжи трендот на бегање на млади квалитетни кадри и едноставно нашата земја ќе нема иднина. Мора да ја вратиме надежта и вербата во подобра иднина на земјата“.

Нашиот сограѓанин Климент Арнаудов магистер по еко туризам ја промовираше мерката од изборната програма на Левица која се однесува на животната средина и екологијата.

„Левица ќе биде партијата која што ќе води сметка холистично да ги гледа еколошките збиднувања и при тоа да не ја искористува природата за сметка само за развојот…туку да налегне на законите кои што важат во таа природа истовремено почитувајќи ги и доградувајќи ја животната средина за сметка на идните генерации. Значи не смееме да дозволиме идните генерации да покажуваат со прст на нас како генерација која го уништила она што природата го распослала“.

Од „Левица“ велат дека имаат програма за решавање на проблемот со сиромаштијата, ќе се залагаат за минимален личен доход од 12 000 денари за четиричлено семејство. Исто така кажаа дека има застој во економијата и потребно е да се стимулираат сиромашните за истата да тргне напред.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top