Векна леб, луксуз за најголемиот број граѓани во Македонија. По се изгледа со најавените нови поскапувања и овој основен прехрамбен продукт за многумина ќе стане недостижен. Граѓаните секојдневно се соочуваат со серија поскапувања, но најавата за зголемување на цената на лебот предизвика најжестоки реакции. Во ситуација кога платите остануваат закопани во место со години наназад, обичниот човек одвај врзува крај со крај. Кога на ова ќе се додадат и сметките за струја, вода, комунално, преживувањето на месецот за обичниот човек станува невозможна мисија.
Локалните производители на леб и пецива смируваат, велат дека и покрај тоа што работат на маргините на опстојувањето, нема да дојде до поскапување на лебот кој е основен прехрамбен производ. Тие објаснуваат дека се борат со економската криза, но ќе сторат се што е во нивна моќ да не дојде до нови поскапувања на овие производи. Но граѓаните велат дека и да не се случи поскапување на лебот, најголемиот дел од нив се на раб на егзистенција. Бројките кои ги објавува Државниот завод за статистика звучат нереално. Вредноста на потрошувачката кошница за исхрана и пијалоци за едно четиричлено домаќинство, за декември 2010 година изнесувала 12 342 денари и во однос на претходниот месец е повисока за 1.1%.
Центарот за економски анализи измислил една корисна алатка. Го создале првиот калкулатор за лична инфлација. Иако мал број на луѓе го употребиле, резултатите кои ги покажал даваат реална слика за состојбата во која се наоѓаат македонските граѓани. Овој калкулатор покажал дека нашите граѓани трошат двојно повеќе отколку што заработуваат.
Ваквата „магична економија“ оди само на штета на граѓаните. Тие секојдневно влегуваат во нови долгови, а излезот од ваквата ситуација е речиси невозможен.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град