Од партијата велат дека ЛДП ќе биде одлучувачки фактор за избор на градоначалник на следните локални избори.
Дејан Блажески е новиот претседател на општинската организација на Либерално-демократската партија од Охрид. Шестото по ред годишно собрание на партијата донесе промени во раководните структури, и ги постави целите на ЛДП за претстојниот период. Сите 100 делегати гласаа ЗА, за единствената поднесена кандидатура, со која Дејан Блажески стана нов претседател на охридската ЛДП.
„Јас се надевам и ветив пред делегатите и присутните дека чесно и одговорно ќе ја вршам оваа функција и дека ЛДП се наоѓа повторно на стазите на кои што беше порано. А, доказ дека постоиме после долго опозионерство, повторно полниме сали, повторно има присутно многу луѓе и во оној затворен дел на кој не бевте присутни во кој од говорницата на општинската организација на ЛДП од Охрид порачав дека Либерално демократската партија ќе биде одлучувачкиот фактор за избор на градоначалник на Охрид и тоа е факт ако ги почитуваме бројките и аналитиката, тоа го кажуваат.“-рече Дејан Блажески-Претседател на О.О на ЛДП-Охрид.
Блажески вели дека и покрај тоа што партијата е надвор од парламентот поради поразот на предвремените парламентарни избори, сепак ги научиле лекциите. Вели ќе се залагаат за промена на изборниот модел кој според нив е убиствен за малите партии. Додава дека Либерално-демократската партија настапува сама и покрај шпекулациите дека високи претставници на партијата договараат коалиција со една од двете најголеми политички партии од македонскиот блок.
„Во политиката не е спорно да се преговара, да се договара , меѓутоа ние покажавме дека не се договараме непринципиелно, дека имаме сопствени ставови и доколку станува збор за било какво коалицирање, ние сме од оние партии кои што сакаат да бидат коректор на тие кои што се условно да речам поголеми од нас. Не сакам ова да биде политички одговор но самата состојба во Република Македонија е комплицирана, промените ќе следуваат, гледам дека новинарите умеат да направат помпа од едно испиено кафе, во принцип не му е забрането движењето на никого, може да седне и демократски да разговара. Веројатно исходот ќе го видиме малку подоцна, во зависност од ситуацијата во која што ќе се наоѓа Република Македонија.“-вели Блажески.
Веројатно ваквите шпекулации ќе бидат уште позасилени поради присуството на дел од нив и на ова годишно собрание. Дали се подготвува нова коалиција или пак се работи само за пријателска подршка, тоа ќе оставиме граѓаните да го дискутираат. Она за кое добивме потврда, е дека Либерално-демократската партија продолжува со политиката на развој на младите кадри и продуцирање на политичари кои ги минале сите структури на партијата.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град