Реакција за отчетот на градоначалникот Никола Бакрачески и низа обвинувања, изнесоа охридските социјалдемократи на денешната прес конференција. Тие на позицијата и порачаа, дека времето на Никола Груевски и Никола Бакрачески поминало и дека доаѓало времето на соочување со одговорноста за криминалното владеење. Од таму кажаа дека вистинскиот отчет ВМРО-ДПМНЕ ќе го добијат по демократските избори, кога ќе се соочат со одговорноста за криминалното владеење во изминатите 10 години, на штета на граѓаните.
Отчет се дава за сработено, а не за несработено, односно нешто, што ќе биде во 2017 година и понатаму, реагираат охридските социјалдемократи. Советничката Жаклина Лазареска на денешната прес конференција кажа дека отчетот кој вчера пред граѓаните го презентирал градоначалникот Никола Бакрачески, односно изнесените бројки за реализација на проекти, не биле реални. Исто така Лазареска обвини дека Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ не се грижле за охриѓани и нивните потреби, туку исклучиво за бизнис интересите и тендер политиките на, како што рече, бандата на Никола Груевски, како и тоа дека Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ не реализирале ниту 1% од приоритетните проекти што им ги ветиле на охриѓани“ – истакна Лазареска.
„Во Охрид го нема ветениот затворен пазар. Го нема ни домот за стари лица. Наместо индустриска зона во Мауцхер, има голема депонија на која се складира градежен шут и ѓубриште од целиот град. Нема ни откупно-дистрибутивн центар за земјоделски производи. Ја нема ни индустриската зона Охрид-Струга. Ниту пак новата модерна автобуска станица. Граѓаните сеуште пијат вода од азбестни цефки а Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ се расфрлаат со народни пари за реновирање на кејот којшто се наоѓа во добра состојба. Граѓаните возат по руинирани улици а Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ расипнички ги трошат парите на граѓаните за луксузни возила“ – вели Лазареска.
Таа изјави дека Бакрачески, освен што ги задолжи охриѓани со кредити, дополнително, го оставил градот без атрактивното земјиште, со не решени урбанистички планови, како и со училишта без основни услови за работа. Таа обвини дека менаџерите на охридските ЈП, во услови кога се штеди и на 70% се праќаат голем број на вработени и нередовно се исплатуваат плати, директорите се луксузирале и ги зголемувале платите на свое задоволство.
„Во ЈП општината дала над 155 милиони денари, ние се прашуваме дали во тие денари се вкалкулирани и платите кој што пред еден, месец ги зголемија директорите на ЈП, додека вработените во ЈП работат за плата не поголема од 15 000 денари. Имаме сознанија дека директорите преку ноќ си донесле одлука преку нивните управни одбори да ги зголемат платите за 10 000 денари и сега им изнесуваат на сите над 46 000“.
Лазареска истакна дека во отчетот, Бакрачески не кажал за кредитот со кој наводно требало целосно да ја реконструира инфраструктурата на улиците „Питу Гули“ и „Ристо Чадо“, како и за тоа на кој начин се донесувале урбанистички планови за задоволување на бизнис апетитите на поединци. Исто така не кажал ниту за економски нелогична зделка, за одржување на јавното осветлување во Охрид, според која општината се откажува од приходи во буџетот во наредните години и тоа во износ што надминува 5 милиони евра.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град