Овој значаен јубилеј на едно место собра генерации и генерации кои минале низ фолклорната и музичка школа на ова културно уметничко друштво.
Генерации и генерации, сегашни и минати членови на културно уметничкото друштво „Ѓердан“, денес слават прекрасен јубилеј. Носителите на една култура, на македонски фолклор, на убава музика, на дружби, на радосни мигови и мигови на тага, со промоцијата на една убава монографија напишана од етнологот Оливера Мишева, го започнаа прославувањето на 45 годишното постоење на КУД „Ѓердан“. Неговиот претседател, Методија Бараковски-Менде, вели дека невозможно е накратко да се раскаже историјата на „Ѓердан“, дека за тоа би биле потребни денови и денови.
За монографијата „45 години постоење на КУД Ѓердан“ тој вели дека е само еден убав почеток на нешто што понатака ќе стане многу поубаво и позначајно.
„Јас кажав нека биде увертира како ви музиката, увертира во писмениот запис и од денес една поука добивме многу голема од Оливера Мишева, дека секој настан, на се што се случува во друштвото, треба да биде забележано. Ако ги имаме белешките. Кога ги имаме не само во нашите сеќавања, кога ги имаме запишано, тогаш материјалот е убав и ќе се направи нешто поголемо. И овој јубилеј е прекрасен, не само за мене, и за сите членови, и млади и стари и ветерани и во спомен на оние кои не се меѓу нас кои заминале од овој свет. Нека биде спомен и поттик за оние генерации што идат, нешто да направат поубаво.“-вели Методија Бараковски-Менде, претседател на КУД „Ѓердан“.
Авторката на монографијата, етнологот Оливера Мишева вели дека запишувањето на историјата на КУД „Ѓердан“ е едно мало истражување, едно патување низ времето, од неговото раѓање, па се до денес.
„Ѓердан на своите плеќи носи голем багаж. Четири и пол децении да се чува, да се негува традиција, песна, игра, обичаи, тоа е голема обврска, тоа е историска задача, тоа е мисија. Ѓердан се носи без оглед на сите проблеми, премрежија во својот историјат, од почетоците до денес, се носи со оваа улога многу добро. Се надевам дека ќе продолжи да ја живее оваа мисија, бидејќи се работи за чување на наше етнолошко наследство, македонски фолклор, на нешто што некогаш било секојдневие, а сега е во изумирање.“-рече авторот на монографијата, етнологот, Оливера Мишева.
Инаку овој значаен јубилеј на КУД „Ѓердан“ ќе биде заокружен со нивниот годишен концерт кој ќе се одржи вечерва во просториите на Центарот за култура „Григор Прличев“.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град