Крцоски : Дебрца ќе биде пријатно место за живеење и нема да има миграција село-град

Дебрца ќе го направиме пријатно место за живеење за да не се случува миграција село-град, вели Игор Крцоски, кандидат за градоначалник на Дебрца од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. Имаме развојна програма со проекти за подобрување на сите сфери со акцент на инфраструктурата. Наменски ќе ги трошиме народните пари, ветува Крцоски.

 |   | 

Дебрца е дом на нашите деца и на нашите предци. Факт е дека се соочуваме со одлив на жители кои мигрираат од село кон град поради што потребни се мудри и стратешки одлуки со кои на граѓаните ќе им ги понудиме истите удобства што би ги имале во градот надополнети со природните убавини кои ги нуди Дебрца, вели Игор Крцоски, кандидат за градоначалник на Дебрца од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. Во соработка со месните одбори, ги собравме на едно место сите проблеми и можни решенија и врз основа на нив изградивме приоритетна листа на проекти при што акцент е ставен на инфраструктурата, посочува Крцоски.

Нема да застанеме се додека и последното село не добие своја канализациона мрежа, додека не се решат горливите проблеми со водоснабдувањето. Рамномерно ќе ги распоредуваме средствата за асфалтирање и тампонирање на улици. Ќе се води сметка за санација на полските патишта за пристап до земјоделските површини, како и асфалтирање на неколку пристапни патишта до црквите и манастирите ширум Дебрца – кажа Крцоски.

Ќе вложуваме и ќе го зајакнуваме капацитетот на јавното комунално претпријатие преку модернизација на механизацијата, ќе се работи и на партерно уредување на неколку детски паркови, како и централните подрачја на поголемите села, набројува Крцоски. Додава дека разработени се и проекти за одредени целни групи.  

Грижа за најстарите преку отворање на Центар за поддршка и помош со доставување храна, лекови, посебно за време на зимата како и мобилни тимови со неделен распоред за посети. Унапредување на условите за живот на децата преку заложби за отворање на градинка во село Мешеишта и уредување на детски паркови – напомена Крцоски.

Интензивирање на соработката со младите, основање на Младински совет, активно учествување и креирање политики, реконструкција на спортски игралишта, финансиска помош за спортисти и др мерки.

Ќе се погрижиме за уште еден проблем кој ги засега мнозинството граѓани и тоа модернизација на јавниот превоз преку воведување на нови линии, субвенции на линиските превози, како и поставување на автобуски постојки и нивно осветлување – додаде Крцоски.

Наменски ќе ги трошиме народните пари, ветува кандидатот за Градоначалник од СДСМ. Со дебрчани сум секојдневно во контакт не само за време на кампањата, тие знаат да ја препознаат напорната работа и чесниот збор и знаат дека мојата врата секогаш ќе биде отворена за соработка, вели Крцоски и додава дека не се сомнева дека Дебрца ќе го избере најдоброто за својата општина.

 

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top