Користењето на педалинките да се стави под законска рамка. Ова го бараат од Охридската капетанија поради големиот број недоречености при користењето на овие забавни реквизити во вода. Сопствениците и оние кои изнајмуваат педалинки се согласуваат со ваквата иницијатива. Со тоа ќе се регулираат нивните обврски, а ќе се подобри безбедноста на сите кои ги користат овие реквизити.
Реквизитите за забава во вода мора да се стават под контрола. Од Охридската капетанија велат дека во водите на езерото има околу 150 педалинки кои покрај што се навистина добро средство за рекреација и забава преставуваат и потенцијална опасност доколку правилно не се користат. Капетанот на Охридската капетанија, Горан Устијаноски смета дека и овие реквизити мора да се стават под некоја законска одредба со која ќе е регулирано како ќе се користат бидејќи досега не се внесени во Законот за внатрешна пловидба, освен задолжителното носење на спасоносни елеци кои мора секој да ги има кој се вози на педалинка.
Лично сметаме дека законот треба да претрпи измени во тој дел што несомнено ќе се случи од наесен и мора да ги ставиме педалините во некоја законска одредба и тоа од неколку аспекти. Првиот аспект е нивната техничка способност, вели Устијаноски.
Од Охридската капетанија велат дека многу педалинки се во доста лоша техничка состојба, но тие немаат никаков механизам да реагираат и сето тоа е оставено на совеста на сопствениците или изнајмувачите на овие реквизити. Вториот аспект е спасувачката опрема на педалините каде ќе се озакони оној дел дека секое лице кое се вози на педалина мора да има спасоносен појас. И третиот аспект е обврската на самиот издавач кој мора да биде подготвен со одредени технички средства за да помогне во случај педалинката да тоне, да има претовар или да залута многу далеку од брегот. Охридската капетанија одржа состанок со сопствениците и оние кои изнајмуваат педалинки. Тие се согласуваат со ваквата иницијатива бидејќи со тоа ќе се регулираат нивните обврски, а ќе се подобри безбедноста на сите кои ги користат овие реквизити.
Наидовме на еден конструктивен став од сопствениците и издавачите на педалинките бидејќи и тие сакаат на некој начин да бидат заштитени бидејќи не е добро дасе случи некоја несреќа токму од педалинка која баш поединецот ја издал. Капетанијата добро им објасни дека ќе го иницираме текстот на Законот и дека тоа нема да биде ништо комплицирано. Мерките ќе бидат практични, реални и ефтини за оние кои се занимаваат со издавање педалинки, вели Капетанот.
Инаку, ова лето имаше неколку инциденти токму на педалинка. Од Охридската капетанија интервенирале во повеќето случаи. За жал во еден од нив возењето со педалинка заврши фатално бидејќи младо момче скокајќи од неа го загуби животот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град