Појавата на смртоносната бактерија листерија ги испаничи граѓаните. Од Центарот за Јавно здравје од Охрид велат дека редовно го контролираат квалитетот на храната. Агенцијата за храна пак, почнува со вонредни контроли во сите поголеми производствени погони за храна и магацини за чување и дистрибуција на храна, од каде ќе се земат примероци за анализа поради појавата на оваа бактерија.
Граѓаните деновиве во паника поради појавата на смртоносната бактерија листерија од која за еден месец се заразија седум, а починаа три лица. Бактеријата може да ја има во месото и млекото, пастеризирано и непастеризирано, млечните и месните производи, морските плодови и рибата, како и во овошјето и зеленчукот. Од Центарот за Јавно здравје од Охрид велат дека од почетокот на годината во лабораторијата исконтролирале 100тина примероци од прехранбени производи од најразлични видови, од готови јадења, до слаткарски производи, сладоледи, меса, млечни производи. 70% од нив биле донесени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, а останатите 30% ги донеле самите производители на храна или засегнати граѓани.
–Можам да кажам дека се почитува Законската регулатива за примена на хасап системот бидејќи дури 99% од примероците на производите кои ги контролиравме се физичко, хемиски и микробиолошки исправни што значи дека здравствено се исправни, вели Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство на почетокот на јуни спровеле една голема акција во охридско струшкиот регион. Извршерни се над 120 инспекциски контроли и тоа во хотелски објекти, ресторани, бурекџилници и други објекти.
-Констатирани се недоследности од поголем и помал обем. ЗА 32 оператори донесени се решенија во кои се констатирани недоследности и наложено е нивно отстранување а за 6 оператори со храна донесено е решение за нивно времено затворање, вели Велика Атанасова, портпарол на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Инаку, од денес Агенцијата за храна почнува со вонредни контроли во сите поголеми производствени погони за храна и магацини за чување и дистрибуција на храна, од каде ќе се земат примероци за анализа поради појавата на бактеријата листерија. Ќе се направи контрола и на сите зелени пазари, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе ја провери безбедноста на млекото наменето за доенчиња на одделенијата за неонатологија и педијатриските одделенија. Центрите за јавно здравје, пак, прават теренски проширени епидемиолошки истражувања кај сите случаи со листериоза особено во однос на видовите храна консумирани во претходниот месец пред појава на симптомите.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град