Дали изградбата на комплексот Плаошник ќе им го смени начинот на живот на мештаните. Тие прашуваат како ќе функционира овој дел од градот во услови на зголемен сообраќај и фреквенција на луѓе. Директорката на „Завод и музеј“ вели дека нема место за загриженост зошто сето тоа било планирано и предвидено.
Варошани реагираат дека откако ќе се изгради комплексот Плаошник со се она што е предвидено на него, ќе им се наруши секојдневното живеење. Посочуваат дека во голема мера ќе се зголеми фреквенцијата на сообраќај, а нема ниту паркинг ниту соодветен пат за толкав проток на возила. Директорката на Завод и музеј, Тања Паскали Бунташеска вели дека нема место за загриженост. За комплексот бил планиран посебен паркинг лоциран од северната страна и него пред се ќе го користеле оние кои што ќе работат таму, а посетителите ќе паркирале кај Горна порта. Која сообраќајница ќе се користи за да се стигне до комплексот сеуште не се знае, но по се изгледа ќе се адаптира патот кој сега служи за дотур на материјали.
Сеуште за тоа не сме размислувале. Тоа ќе го решиме кога ќе го правиме проектот за партерно уредување на комплексот и за ентериерно уредување на објектите, изјави Бунташеска.
Директорката на Завод и музеј објасни како ќе функционира овој комплекс кој фактички е како град во град. На Плаошник ќе има 16 објекти. Моментално се градат Музејот, Светиклиментовата библиотека и Центарот за хуманистички науки. Од источната страна на црквата, ќе се градат Манастирскиот конак и Резиденцијалниот објект за потребите на МПЦ. Од северозападната страна на археолошкиот комплекс треба да се гради Богословскиот факултет, а од западната страна на музејскиот комплекс ќе се градат девет афилијации на светски универзитети со заеднички компјутерски центар. Паскали Бунташеска кажа дека во сите овие објекти ќе има нововработени лица како што се конзерватори, историчари на уметност, археолози, архитекти и др. Плаошник ќе стане и мал универзитетски град бидејќи тука ќе се пренесе скопскиот богословски факултет, вели директорката. Афилијациите пак ќе се пунктови на познати странски универзитети како што се „Јејл“, „Харвард“и др.
Секој универзитет доколку сака може да си закупи таков простор, на пример „Ломоносов“ како универзитет да ја работи една од афилијациите, да врши научнo истражувачки работи на одредени проекти и да носи студенти од Русија во Македонија, заедно со наши студенти да работат на проекти, вели директорката.
Паскали Бунташеска е убедена оти ќе има интерес за отварање афилијации бидејќи станува збор за многу атрактивно место зошто тука се наоѓал првиот словенски универзитет.
Инаку, според некои граѓани моментално градбата на Плаошник е стопирана. Како што неофицијално дознаваме причина за тоа биле реакциите од Комисијата на УНЕСКО која неодамна го посети овој комплекс. И покрај тоа што од страна на Завод и музеј во јавност се излезе со став дека нејзините членови немале некои забелешки на новите градби, дознаваме дека ним воопшто не им се допаднала планираната висина, па побарале да се намали. Дали ќе се земат во предвид овие забелешки на УНЕСКО или и понатаму ќе се гради како што е замислено, сега зависи од Владата на РМ. Се чека нејзиниот последен збор.
Наспроти ова директорката на „Завод и музеј“ тврди дека нема никаков застој во изградбата на Плаошник. Моментално се чека дотур на материјали па затоа на некои објекти не се работи. Паскали Бунташеска стои на ставот дека извештајот од Комисијата од УНЕСКО сеуште не е стигнат и дека официјално нема никакви забелешки за Плаошник. Таа нагласува дека градбата на овој комплекс продолжува и тоа со уште поголем интензитет.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град