Колку пари толку празнување

Колку пари толку празнување. Скромниот буџет на охриѓани не им дозволува за Нова година да се опуштат и да потрошат повеќе од вообичаеното.За најлудата ноќ тие ќе бидат во своите домови, со најблиските.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Нова година и Божик се празници кои по летувањето се најголем удар за домашниот буџет. Едно семејство од 4 члена може да потроши дури една плата од десеттина илјади денари и тоа доколку се одлучи најлудата ноќ да ја помине дома.  За празниците секогаш се троши повеќе од што се има: за подароци, за украсување, за облека и секако за богатата трпеза која ја подготвуваме. Колку буџетот на граѓаните им дозволува да празнуваат?

-Се нема пари, секоја година е се потешко, вели еден наш сограѓанин.

-Се е скапо, а парите се тие. Купивме некои работи за да се одбележи денот и пакетчиња за дечињата, тие најмногу се радуваат, вели друг охриѓанец.

-Нема веќе расположение за празнување. Буџетот не ни дозволува да се расфрламе. Скромно ќе ги поминеме празниците, вели наша сограѓанка.

Домашна атмосфера, кафеана, дискотека, патување… Ова се најчестите опции за дочек на Нова Година. Бидејќи трошоците се големи, а буџетот на граѓаните ограничен, предност за славење некаде надвор им се дава на помладите. Повозрасните најчесто остануваат дома или пак се собираат кај пријатели. Дел од јавните личности во Охрид токму на ваков начин ќе ја поминат најлудата ноќ.

И оваа како и минатите години нова година ќе ја дочекаме дома во кругот на семејството, ништо посебно, ништо специјално единствено нешто што секоја нова година го правиме е прославата на мојот роденден. Повеќе внимание посветуваме на празнувањето на Божик, вели советникот Јоне Станкоски.

-Остануваме во градот, празниците ќе ги поминиме тука, а новогодишната вечер ќе ја поминеме со пријатели во едно од местата во градот кое ни е омилено преку целата година. Буџетот секако е лимитиран но неговото користење е правење на приоритети. Ако сакаме некаде да отпатуваме з апразниците за тоа треба да се одвојува во текот на цела година, вели претседателката на Совет, Гордана Коњаноска.

-Според мое мислење трошоците за дочек на Нова година се се поголеми и поголеми, а буџетот е се помал па не им дозволува на граѓаните да прославуваат така како што би сакале, вели Вангел Спироски од ОПМ.

-Јас ако бев слободен ќе одев некаде на планина. Можеби некоја наредна нова година ќе ја дочекам така. Не мора да се прават големи трошоци за фризури облека и тн. Со добро друштво можеме да си направиме убава забава. Секогаш не е гаранција дека ако многу потрошиме и убаво ќе си поминиме, вели шоуменот Жанко Зш Голабоски.
Македонците за празниците во просек секоја година трошат над 60 милиони евра. До точни податоци не може да се дојде бидејќи нема прецизни статистички податоци, но повеќе показатели упатуваат на ова – ако секое семејство во просек одвојува по стотина евра, а во земјава има над 500 илјади домаќинства се стигнува до оваа солидна сума. Дополнително, секоја година во декември се повлекуваат по околу 30 милиони евра повеќе преку платежните картички од просекот во останатите месеци, а во продавниците околу половина од прометот е на картичка, а половина во кеш. Е па сега видете каков е крајниот биланс. За празниците ќе се испотрошиме колку имаме и немаме, а во јануари и февруари мака ќе мачиме да врзиме крај со крај. Нова година ќе дојде ама старите проблеми ќе останат. Затоа треба разумно да се троши.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top