Колку охриѓани го почитуваат Законот за јавна чистота

Колку охриѓани го почитуваат Законот за јавна чистота. Есенскиот период е период на правење ајвар и сечење дрва за огрев што најчесто се прави на јавна површина. Комуналните инспектори имаат полни раце работа. Ќе настрадаат најбаксузните.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Голем е бројот на граѓани кои го прекршуваат законот за јавна чистота сечејќи дрва на јавна површина, правејќи ајвар пред зграда, фрлајќи отпадоци на улица, продавајќи зеленчук на импровизирани тезги. Но, само мал дел од нив, најбаксузните ќе заработат казна за тоа. Каква е состојбата во нашата Општина околу пишувањето казни по овој основ?

Во овај период кога граѓаните се подготвуваат за зимскиот период немаме пријави бидејќи не е забележано дека е нарушен законот за јавна чистота во тој дел. Веруваме дека граѓаните ја имаат свеста подигнато на тоа ниво да не го прекршуваат законот и се надеваме дека и оваа сезона ќе ја поминеме без пријава односно без прекршување на законот по овој основ, вели Томе Џамтоски-портпаролот на локлната самоуправа.

Во нашава општина ангажирани се 5 комунални инспектори. Тие покрај во есенскиот период посебно беа ангажирани во  летниот период кога им е зголемен обемот на работа. Во изминатите три месеци направиле 45 контроли. Најголем дел од нив се за поставување урбана опрема. Од ЈП „Комуналец“ се издадени педесетина налози за отстранување на градежен шут и зелен отпад. Надлежни лица за контрола и инспекциски надзор на спроведувањето на законот се униформиран полициски службеник, државен комунален инспектор, општински комунален инспектор и комунален редар. Џамтоски кажува дека соработката со СВР е на високо ниво и додава дека и од нивна страна нема никаква пријава за нарушување на законот за јавна чистота во овај есенски период.

Нашите комунални редари и инспектори неможат да бидат присутни на секој агол  и да проверуваат дали се прекршува законот, но ние сме сигурни дека и јавната свест на граѓаните е на потребното ниво и тие зимските подготовки си ги прават во соодветни простории каде има услови за тоа, сигурен сум и дека при складирање на огревното дрво се поретко се користат јавните површини или и ако се стават дрвата на јавна површина тоа е многу кратко потоа се складираат на соодветни места без да се нарушува законот за јавна чистота, вели  Џамтоски.

Инаку, овој закон е многу опсежен и опфаќа голем број сегменти кои придонесуваат за зголемување на јавната чистота. На санкции подлежат и правните и физичките лица кои ќе го прекршат. Граѓаните кои ќе го прекршат Законот за јавна чистота ќе платат казна во висина од 50 евра во денарска противвредност. Интересни се и измените на овој закон со кои граѓанинот кој ќе го прекрши законот и кој  место да плати парична казна ќе се реши за општокорисна работа, ќе биде фотографиран пред и по завршувањето на работата. Фотографиите јавното претпријатие или правното лице каде се врши општокорисната работа ќе ги чува најмалку една година од извршувањето на истата.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top