Предлог-одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти – пред советниците.
На 36-тата седница на Советот на општина Охрид закажана за утре, советниците треба да се изјаснат за Предлог-одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти. Во образложената Предлог-одлука за продолжено работно време, јасно е прецизирано во кои денови би се работело со продолжено работно време. Имено, од 150-тина дена до крајот на годинава, од Локалната предлагаат 76 дена да се работи со продолжено работно време, при тоа не образложувајќи по кој принцип се избрани деновите кога угостителските работници би работеле подолго од нормалното.
Само за пример, на 5-ти август, петок, кога се очекува поголем наплив на гости и 9-ти август, кога се слави Св. Климент – патронот на Охрид, според Предлог-одлуката угостителите не би смееле да работат со продолжено работно време. Од месец август, одбрани се уште 7 вакви денови, што значи дека останатите дури 22 дена угостителите ќе работат со продолжено работно време. Слична е поделбата и на деновите во останатите месеци до крајот од годинава.
Со ставовите на претседателот на Урбаната заедница 1 Стар град, Довлев и претседателот на здружението на ноќните клубови Џепароски, изнесени во вчерашниот дневник на ТВМ, се согласуваат и поголемиот дел од гостите и граѓаните на Охрид. И покрај тоа што има и такви кои го одобруваат ваквиот чекор, сепак многу повеќе се оние кои не се сложуваат со идејата да се прават журки преку цела ноќ.
Угостителските објекти во Охрид одамна го прекршуваат работното време, но надлежните институции молчат и ретко преземаат мерки, дали во интерес на туристичката сезона или пак во интерес на поединци. И досега, со Одлуката донесена на 31. 05 2007 год. на угостителските објекти во летниот период им се продолжуваше работното време за еден час. Сега, според новото толкување на законските измени, на Советот на општината му се дава можност, за време на одржувањето на одредени туристички, културни и други манифестации содржани во годишната програма, доколку сметаат дека има потреба да им го продолжат работното време на угостителските објекти за најмногу два часа, во времетраење од три дена. Дали оваа законска одредба, предлагачот на одлуката Локалната самоуправа, ја искористил и сите можни манифестации кои ќе се одржуваат во Охрид се причина за продолженото работно време?
Останува да го слушнеме ставот на советниците по ова прашање на утрешната седница и да видиме дали Предлог-одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти која е прва точка на дневниот ред ќе помине кај градските избраници. Едно е сигурно, оваа точка колку и да им е од полза на дел од угостителите, во секој случај не ќе им е по ќеиф на жителите и гостите од стариот дел на Охрид, кои и досега се жалеа на бучавата преку ноќ и во повеќе наврати бараа не само да не биде продолжено работното време, туку истото да биде скратено до 23:00. Покрај ова, старите охриѓани уште бараат во целост да се почитува Законот за бучавост. Своите ставови ќе можат и лично да му ги пренесат на Претседателот на Советот на општина Охрид, Јаковчевски, кој одвои еден час пред почетокот на утрешната седница за средба со нив.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град