Спорно ли е земјиштето на кое ќе се гради елитниот хотел?

Не се работи за недоразбирање, велат од Министерството за транспорт и врски. Добивме дециден одговор дека сопственик на спорната парцела била државата, без никакви забелешки во имотниот лист.

 |  Мишел Наумоски  | 
lokacija
локација

pressБран контроверзии излегоа по вчерашната прес конференција на туристичката агенција Фибула Травел околу изградбата на елитниот хотелски комплекс. Нејаснотиите се појавија околу спорното градежно земјиште кое агенцијата го купила на јавен повик на државата, преку лицитација на која Фибула Травел била единствен понудувач. Имено за потсетување, сопственикот на градежното претпријатие „Трудбеник“ тврди дека тој има корисничко право на дел од парцелата која била предмет на државниот тендер. Веднаш се наметнува прашањето како може Министерството за транспорт и врски да распише тендер за земјиште на кое кориснички права има друго лице. Се обративме и до засегнатото министерство од каде го добивме следниот одговор: „Согласно документацијата добиена во Министерството за транспорт и врски, во податоците во имотен лист е евидентирано право на сопственост на Република Македонија, без никакви прибелешки и согласно тоа, земјиштето е во сопственост на Република Македонија и може да биде предмет на јавно наддавање.“ Јавноста остана збунета и поради датумот на објавување на тендерот односно 28.03.2011 и самото јавно наддавање кое се одржало на 23.08.2011 по кое земјиштето помина во сопственост на Фибула Травел, но Министерството за транспорт и врски вели дека јавноста била навремено запознаена и за тендерот и за јавното наддавање.

lokacijaКупувачите на земјиштето засега мирни. И вчера и денес стапивме во контакт со нив, но го добивме истиот одговор околу тендерската процедура и статусот на купеното земјиште. И покрај вчерашната реакција на сопственикот на ГП „Трудбеник“ во Фибула Травел не постои загриженост околу легалноста на добиениот тендер. Тие велат: „Тендерот го објави државата, а ние едноставно аплициравме за него и го добивме. За нас нема ништо сомнително тука.“

Сопственикот на ГП „Трудбеник“, Ацо Спироски тврди дека не само што има корисничко право врз еден дел од спорната парцела, туку во тек била и процедура за добивање на сопственост врз истата. Имено како што е познато, предмет на тендерот објавен од Министерството за транспорт и врски на 28.03.2011 година, се две парцели со ознака 1.4 и 1.2, сепак Спироски тврди дека парцелата 1.2 се состои од два дела од кои едниот е државна сопственост, а врз другиот корисничко право има самиот тој.

Иако Спироски се понадева дека се работело само за недоразбирање, сепак одговорот од Министерството ја урна ваквата надеж. Останува да видиме како понатака ќе се развива овој случај. Дали сопственикот на Трудбеник ќе се помири со изгубеното земјиште или ќе тргне во правна битка против државата.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top