Кога би можел да зборува Чинарот

Под неговите крошни се гасела жедта, се барал лек од многу болки, се откинувале многу љубовни, младешки  воздишки,се лееле солзи.

 |  Валентина Нелоска  | 
cinar -upevce
Чинар – Упевче

cinar Бутурниот Чинар, како што сакаат од милост да кажат постарите охриѓани за најпознатото дрво во центарот на градот, крие многу историја за некогашното  живеење во Охрид. Повеќе вековното дрво е сведок на многу случувања, настани и личности кои   одбележале едно минато  време на  градот под Самоиловите кули. Симболот на Охрид, платановото стебло, Чинарот, со латинско име Platanus orientalis L е високо 25 метри, распонот на гранките исток -запад е 16,40 м, а на север- југ 12, 60 метри. Обемот на кореновиот систем е 26,7 метри, а обемот на градната висина на 1,30 метри изнесува 18,80 метри. Според легендите и преданијата охриѓани верувале дека Чинарот го засадил премудриот „Св Климент Охридски“, заштитникот на градот. И навистина, науката потврдила дека староста на дрвото е приближна со онаа на доаѓањето на Св Климент тука, или околу 1100 години.

Низ вековите што се не претргал и што се немало во него откриваат разните записи. Под неговите крошни се гасела жедта, се барал лек од многу болки, се откинувале многу љубовни, младешки  воздишки,се лееле солзи.

Пред  стотина години , на почетокот од 20 век  во 1900-та година, под зелените раскошни гранки на платанот  била отворена првата аптека. Според записите од сеќавањата на поранешните охриѓани  запаметен е единствениот тогашен  аптекар.  Васил  било неговото име.

Охриѓани кај Васил барале лек за многу маки и болки. И оние  што имале забоболка спас барале од него затоа што  вешто вадел заби со најобични клешти.

Вештиот аптекар ги држел клештите на дрвена маса. Веднаш ги употребувал и ги ослободувал пациентите од несносните забоболки. Немало нити инекции нити анестетици, а богами непозната била и стерилизацијата.Чиста комова ракија била замена за анестетик и помош во спречување на појавата на инфекциите, такво било времето. По смртта на Васил згаснала и аптеката. По кратко време под Чинарот  започнала угостителска  дејност.

Cinar kafeana

Неколку дрвени маси и столици биле поставени на истото место  и „никнала“ кафеана.  Агите и беговите тука доаѓале на  кафе и чај, и секако на лаф муабет. Кафеџија ги  послужувал и заработувал за живеачка.

Во записите стои дека кога градот немал вода за пиење, и таа се црпела од езерото,  под Чинарот имало четири чешми  со осум дулци. Ладната вода била спорведена преку ќерамички ќумци и доаѓала  дури од Бејбунар. Со неа се освежувале и луѓето и добитокот. Бавчанџиите и надничарите кои работеле на имотите во Сурѓун маала и Дебело поле задолжително навратувале на краток одмор под ладовината на Чинарот за да се напијат вода. При тоа не го заборавале да  го напојат добитокот со кој пренесувале товар и производи бидејќи во тоа време биле единственото нивно превозно средство. На почетокот од 20 век во близина на Чинарот, кај сегашниот  трговски центар ,  била сместена  и првата градска пошта.  Од тука, патувале кон светот ама и доаѓале, добри и лоши абери.

cinar-kafeana

Под крошните на стогодишниот Чинар во шеесетите  и седумдесетите години од минатиот век поминувала и  најфрекфентната градска сообраќајна артерија.  Низ тесниот,  поплочен  пат со коцка, кој водел низ сегашната Стара чаршија кон Струга, поминувале и автобуси. Во лето, особено во понеделник кога во Охрид бил пазарен ден, пазарџиите и туристите  правеле метеж по тесната  улица. Така поминувале времиња ,а со тоа се менувале и обичаите. Она што е крактеристично за поранешното време, а поврзано со ова дрво било мртовците да се испраќаат кон вечното  живелиште од кога ќе поминеле  кај Чинарот, на симболичен начин да се збогуваат со градот.

Чинарот одсекогаш бил центарот на градот ,омилено место за среќавање, разменување и дознавање на  новостите. Некогаш меѓу младите била вообичаена  изреката „ај да ојме да видиме да не паднал Чинарот“,   мислејќи при тоа да дознаат што има ново во градот.

cinarot denesИ, навистина во пролетта,  2002 година,  Чинарот падна. Под налетот на силно невреме, ветар и снег  се искрши и падна една од двете странични гранки.. После овој настан се исчисти трулежот и се конзервира платанот кој уште во 1966 година беше ставен под заштита на државата како најстар споменик на природата. Но, низ сите тие децении дражавата и градот не најдоа пари за да го заштитат дрвото.  За жал, и ден денес се чекаат подобри денови за да се доврши започната работата од пред 10 –тина години и да се обложи дрвото со вештачка кора. Се затворија шуплините во срцето на дрвото ама остана страмот за нашата негрижа кон него.

Чинарот живее со пулсирањето на градот и неговите жители во новото време, во новиот милениум. Сеуште  е свратилиште под чии крошни се одмораат и разладуваат и охриѓани и туристите.

Чинарот продолжува да биде нашата гордост и да се вбројува во едно од  најфотографираните и најпосетуваните места во Охрид.

 {loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top