Книгата се враќа кај читателите

Се зголемува бројот на читатели во НУ  библиотека „Григор Прличев“. Радува податокот што се повеќе млади сакаат да читаат добра книга. Интересот за читање расте благодарение на залагањата на вработените во библиотеката, но и на напорите што се прават во училиштата.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Само во првите два месеци од оваа година во НУ  библиотека „Григор Прличев“ се запишани 200 нови членови. Директорката на оваа установа Гордана Змејкоска вели дека радува овој податок бидејќи библиотеката повторно си го добива своето вистинско значење како место на книгата каде се спојуваат минатото и сегашноста. Уште повеќе влева надеж тоа што младата читателска публика се враќа.

Во последно време почнува да се враќа младата читателска публика. Во еден период имавме многу млада читателска публика, потоа еден период малку тоа замре, па се зголеми бројот на читатели кои се во средни години. Младите повеќе го користеа интернетот и таму читаа тоа што ги интересираше, но ние правиме напори да ги вратиме во библиотека и повторно да другаруваат со книгата, вели Гордана Змејкоска, ВД директор на НУ библиотека Григор Прличев.

Во НУ библиотекa „Григор Прличев“ се сместени околу 120 000 книги. Библиотеката ја посетуваат 1200 активни читатели, а ги има и оние таканаречени пасивни кои позајмуваат книги, но поретко. Интересот за читање расте благодарение на залагањата на вработените во библиотеката, но и на напорите што се прават во училиштата каде на часовите по македонски јазик се издвојува време за претставување на некои нови изданија на книги со што се зголемува интересот кај учениците за читање.

Малку имавме поголема промоција на книгите, поголема достапност на книгите што ги имаме во библиотека на нашата веб страница. Секоја недела ажурираме по десет петнаесет наслови и тоа од секој жанр. Не можеме да имаме само белетристика затоа што некој го интересира филозофија, друг го интересира психологија, трет географија и затоа решивме да имаме од сите области, објаснува Змејкоска.

Библиотеката во соработка со основните училишта организира посети на оваа установа од страна на учениците од пониските одделенија со цел одблиску да видат што е тоа библиотека и да го почувствуваат мирисот на книгите. Најидеална возраст за создавање навика за читање кај децата е во второ или трето одделение.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top