Ќе започне присилна наплата за долговите за радиодифузна такса

Доколку принудно се повлечат пари од сметка, трошоците ќе ги плати самиот обврзник, велат од УЈП.

 |  Голабовски Крсте  | 
logo

Доколку принудно се повлечат пари од сметка, трошоците ќе ги плати самиот обврзник, велат од УЈП.

smetkaСите што имаат обврска да плаќаат радиодифузна такса да го направат тоа навреме и во утврдениот рок, апелираат од Управата за јавни приходи, бидејќи во спротивно, даночната администрација ќе почне со присилна наплата на долговите. Тоа значи дека УЈП сама ќе си ја реализира наплатата на радиодифузна такса преку повлекување пари од сметките на обврзниците што не извршиле плаќање на јавната давачка во законскиот рок. „Повикот за плаќање на радиодифузните сметки е обид да се зголеми процентот на наплата на оваа јавна давачка за да не се пристапи кон присилно повлекување пари од сметките. Доколку тоа се случи ќе бидат направени трошоци, кои ќе паднат на товар на самиот обврзник“, вели портпаролката на УЈП, Весна Новаковиќ.

Таа не обелодени колкав процент од 500.000 плаќачи на радиодифузна сметка доцнат со наплатата. „Тешко е да се извади процент или бројка на обврзници што навремено не ја плаќаат оваа давачка, бидејќи има и такви што ја плаќаат предвреме или збирно за неколку месеци“, додава Новаковиќ.

На прашањето колку месеци задоцнување УЈП ќе толерира додека не се пристапи кон присилен наплата на радидофузната такса, портпаролката одговори дека нема толерирање и секое задоцнување е задоцнување.

„Присилна наплата може да се изврши кај секое доцнење, без оглед дали е тоа еден или повеќе месеци“, објасни Новаковиќ.

smetkaСпоред УЈП, присилната наплата е крајна мерка што се применува откако претходно странката е опомената дека треба да си го плати долгот кон МРТВ. Во меѓувреме, за секој ден задоцнување се наплаќа камата.

„Потсетуваме дека плаќањето на радиодифузната такса се врши најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец, а во случај на задоцнето плаќање надвор од законскиот рок, се пресметува камата од 0,03 отсто и тоа за секој ден задоцнување“, информираат од УЈП.

Со цел олеснување на плаќањето на РДТ, граѓаните и фирмите можат по сопствено изјаснување да извршат плаќање за повеќе месеци, односно за цела календарска година или, пак, да вршат плаќање со траен налог, но за тоа треба да потпишат договор со носителот на платниот промет, односно банката. Радиодифузната такса за секое домаќинство месечно изнесува 130 денари, а домаќинствата во кои има слепо лице со оштетување на видот од над 90 отсто и глуво лице со оштетување на слухот од над 60 децибели се ослободени од плаќање радиодифузна дејност. За сопствениците на деловен простор радиодифузната такса е 130 денари на секои 20 вработени. УЈП ја презеде наплатата на радиодифузната такса од која се финансира работењето на МРТВ во почетокот на годинава, со цел да се зголеми процентот на наплата. За собирање што повеќе пари за националниот сервис, Управата има на располагање повеќе механизми, меѓу кои и можноста за блокирање сметки. Ќе се наплатуваат и заостанатите долгови на граѓаните, а за нив ќе се пресметуваат и камати.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top