Земјите од Југоисточна Европа заеднички ќе воведуваат Закон за спречување на интернет криминалот. Со развој на технологијата во подем е и злоупотребата на интернетот, па оттука се наметнува и потребата за регулирање на оваа област со Закон.
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска се обрати на отворањето на третиот регионален годишен состанок за интернет владеење SEEDIG (South Eastern European Dialogue on Internet Governance), во Охрид. Настанот се одржува заедно со Меѓународната регулаторна конференција (24-26 мај), во организација на Агенцијата за електронски комуникации, при што учествуваат истакнати национални и меѓународни претставници, вклучувајќи претставници од регулаторните тела од Европа, оператори од регионот, претставници на здруженија на оператори, вендори, граѓански организации, студенти и останати чинители на пазарот за електронски комуникации.
Арсовска Томовска се осврна на важноста на интернет владеењето во Република Македонија, нагласувајќи дека во текот на изминатите години, обезбедени се услови за пристап до интернет на сите граѓани, при што приклучени се над 75 % домаќинства, а широкопојасниот интернет е вклучен како универзална услуга.
Говорејќи за предизвиците во однос на интернет владеењето, Министерката ги посочи областите кон кои треба да се обрне особено внимание, како што се: инфраструктура, компјутерски криминал, компјутерски напади, сигурност на изворите на информации (лажни вести, спам и порнографија), како и човекови права (слобода на изразување, приватност итн.).
За справување со овие предизвици, веќе е започнато со воведување на принципи, норми, правила и програми, кои обезбедуваат одговорно интернет однесување. Но она што е важно е дека во светот не постојат унифицирани правила и закони во однос на регулација на овие области, и затоа е важен пристап од-долу-нагоре, отворен и инклузивен дијалог со сите заинтересирани страни, како и споделување на најдобрите практики. Токму затоа ваквите настани се од исклучителна важност за да може да се извлечат заеднички заклучоци како земјите да се справат со ваквите предизвици.
Кога е во прашање регулаторната рамка и законската регулатива која се однесува на сајбер криминалот, регионот е на самиот почеток на заштита на граѓаните во користењето на интернетот, истакна директорот на регулаторната агенција за комуникација на Босна И Херцеговина, Предраг Ковач.
„Се надевам дека за релативно брзо време од ресорното министерство ќе биде донесено и решение кое ќе има правна рамка за заштита на сите оние на кои тоа им е потребно. Како што сега стојат работите факт е дека сите земји се на почеток и дека сите полека се спремаме да се воведат права кои законски ќе бидат регулирани од оваа област“ – истакна Ковач.
Денес злоупотребата на интернетот во нашата земја се регулира согласно неколку закони од кривичникот законик, како што е Законот за електронски комуникации, за следење на комуникациите, Законост за електронска трговија и сл.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град